Илон Маск денес е најбогатиот човек на светот, но овој успешен бизнисмен и визионер имал несреќно детство, а во најновата биографија за милијардерот откриени се нови детали од неговите најрани години, пишува „Benzinga“.
Имено, Маск како момче бил „обележан“ како поразличен, а луѓето од неговата околина, вклучувајќи ги и учителите, ги загрижувало неговото однесување затоа што момчето често било изгубено во своите мисли.
Неговата мајка, Меј Маск, го запишала во мало училиште кога имал само три години, тврдејќи дека е генијалец. Го запишала, спротивно од советите на директорот којшто верувал дека момчето поради својата доба ќе има тешкотии во дружењето со постарите деца.
Меѓутоа, Меј инсистирала Илон да го запише во училиште, а на директорот му рекла: „Имам генијално дете“.
„Имаме причина да веруваме дека Илон е ретардиран“
Сомнежите на директорот се покажале како вистинити и Маск признал дека имал тешкотии:
„Учителката ќе ми пријдеше и ќе ми викаше, но јас всушност ниту ја гледав ниту ја слушав“.
Таквото однесување се повторувало и го поттикнало директорот на училиштето да свика состанок со неговите родители, а тогаш им рекол: „Имаме причина да веруваме дека Илон е ретардиран“.
Родителите негодувале дека Маск има проблеми со слухот, а момчето и натаму често било отсутно во своите мисли, а се покажало дека неговата склоност кон изолација не означувала недостаток на интелигенција ниту проблеми со слухот.
„Не сакам да бидам сам“
„Уште од детството, доколку почнам да размислувам за нешто кое бара посветеност, сите мои перцепции на емоциите се исклучуваа“, објаснил Маск, а неговата мајка заклучила:
„Најдобро е да не се обидувате да се пробиете додека тој го има тој празен поглед“, додавајќи дека во училиште Маск бил „осамен и тажен“.
„Кога бев дете, реков една работа: Никогаш не сакам да бидам сам. Тоа е она што би го кажал: Не сакам да бидам сам“, изјавил во 2017 година во интервју за „Rolling Stone“ Илон Маск.
Маск во училиште немал пријатели, а првиот пријател надвор од кругот на семејството го стекнал дури на факултет.