Новинарката од Фокус, Вики Клинчарова синоќа објави статус во врска со реакциите за патувањето на вицепремиерот Николовски и сопругата Андријана.
“За Љупчо Николовски, како и за многу други политичари, сум ги следела сите поважни настани од самото негово стапнување на јавна функција. Имаше тука во овие изминати години многу приказни кои ги објавивме, но и такви за кои не пишував, на негово инсистирање, а во кои се зборувало за негови гестови, помагање каде и како се може, без да се прави помпа, тивко, без никој да знае…
И баш поради тоа, веста дека со сопругата си заминал во Дубаи, среде ова лудило со кое сега живееме, ми дојде дури како нешто неверојатно, за кое дури и морав да проверам дали навистина се случило и не е лажна вест, оти едноставно не беше својствено за него.
Реакциите на народот беа сосема оправдани, со оглед на личниот пример кој јавните функционери мора да го даваат во секој момент додека се на власт.
Но, денес, сосема случајно дознав која е позадината на тоа патување, и НЕ, не е како што сите од прва помисливме, забава, разонода, одложен меден месец и слично.
Тоа што Николовски решил да си ја зачува приватноста, свесно, дури и по цена да биде ставен на јавен линч, е негова одлука. Тоа што прифатил попрво да биде напаѓан и обвинуван за несолидарност, наместо да сподели со јавност низ што минува, исто така е негово право. Можеби направил грешна проценка, не би судела за тоа…
Да останеме со ладни глави, и сите да не судиме пред време. Секоја планина си ја знае својата тежина. Драго ми е што првиот впечаток кој го имав за него, и после се, останува ист. Во ред е да бараме животот на политичарите да биде ставен под лупа, ама има некои приказни кои сепак се чуваат за себе. Николовски да си остане посветен на работата како и досега, верувам дека со дела ќе покаже и во иднина дека е таков, каков што многумина го запознале“, напиша Вики Клинчарова.