Зоран Михајлов
Мечувалецот Александар Анастасов имаше богата кариера. Тој, како ретко кој македонски спортист, во периодот додека настапувавме под знамето на поранешната држава, имаше шанса да учествува на Светски првенства, Медитерански игри и Балканијади. Настапите, пак, на меѓународните турнири и првенства, ако се сметаат и овие од последниве 20-тина години, кога без него не можеше да се замисли ниту еден натпревар на ветераните во светот- не може и да се избројат, ги има многу-можеби е тоа скор за Гинис.
-Треба да ангажирам човек да почне да ги средува сите тие резултати, зборуваше во шега Анастасов. Имам многу турнири во конкуренција на ветерани, а трофеите што ги добивам немам каде да ги сместам и тие веќе се наоѓаат во витрините кај моите роднини и пријатели.
Но, да се вратиме на оние години по 1963, кога полека се санираа последиците од катастрофалниот земјотрес.
Разочарување по освоената титула!
Во годината по земјотресот, мечувалците на Работнички некако успеаја да ја „извлечат“ својата опрема од шкафчињата, на горниот кат од разурнатата скопска Железничка станица.
-Во весник прочитав дека ќе се одржи првенство на Југославија за младинци, па со другарите се договоривме да се искачиме по делумно разурнатите скали и да стигнеме до опремата. Така по осуммесечна пауза и со само неколку тренинзи заминавме на шампионатот. Јас почнав одлично и кога очекував без пораз да ги завршам настапите во групата од осум мечувалци, налетав на клупскиот другар Симе Димовски и од него загубив. Тој беше потоа цел работен век цариник на Деве Баир, па кога ќе одев за Бугарија, често се сеќававме на тој меч.
На крајот, и покрај поразот од клупскиот другар, Анастасов беше прв во групата. Во финалната борба победи и ја освои титулата -.младински првак на Југославија. По овој прв триумф тој очекуваше, како што беше вообичаено дотогаш, да замине на Светското младинско првенство, но тоа не се случи.
-Бев разочаран и не можам да сфатам која беше причината што не добив шанса да мечувам со прваците од другите земји. Сепак овој непријатен момент не ме поколеба, јас останав во спортот, но овој пат не на пистата за мечување, туку во кајакот на диви води! Се вратив на спортот кој ме привлекуваше уште од пионерските денови, кога му се воодушевував на големиот кајакарски шампион и репрезнтативец-Трајко Јовковски. Тој за мене беше и остана еден од најголемите македонски спортисти во историјата, со десет сениорски титули во поранешната држава. Сега имав шанса и јас малку да се „оладам“ од мечувањето и да се испробам во кајакарскиот спорт и тоа на дивите води на Вардар, Треска и другите реки во Југославија.
Колку беше талентиран речиси за сите спортови, говори и податокот –Анастасов со клупските другари од КК „Моша Пијаде“ стана југословенски младински првак во тимско возење во К-1.
-Бевме добра екипа, трениравме на Треска и на Вардар. Инаку, јас од раното детство често одев на Градската плажа на Вардар, каде што се наоѓаше КК „Моша Пијаде“, додека вториот кајак-клуб „Мирче Ацев“ имаше една просторија под северната трибина на Градскиот стадион. За соблекување ние ги користевме кабините наменети за капачите, кои беа наредени на една дрвена платформа, под високите дрва од паркот. Беше многу возбудливо, овој период нема никогаш да го заборавам. Исто така, кога веќе отидов во спортовите на вода решив да се пробам и во скијање на вода. Овој спорт во тоа време беше многу популарен, а кај нас се одржуваа и квалитетни натпревари најчесто на Велешкото и на Преспанското Езеро во Отешево, под сега изгорениот хотел Европа, порано Југославија. Се сеќавам тука имаше скокалница, која долги години дури и откако овој спорт замре, остана да сведочи за едно интересно и возбудливо време.
Анастасов своите квалитети ги покажа и во скијање на вода, па така го освои бронзениот медал на сениорското првенство на поранешна Југославија во дисциплината слалом. Тоа беше уште една потврда за неговиот спортски раскош и спортскиот дух.
За шампионите немаше пари за учество на СП!
Откако реши да се занимава само со мечување – Анастасов заедно со Ристевски нанижаа неколку сениорски титули – првак на Југославија.
-Во тандем со Кирил Ристевски станавме страв и трепет во поранешната држава. Двајцата без прекин ги освојувавме сениорските титули. Еден од двајцата, од 1968 година кога јас ја освоив првата титула во меч, па се до 1976 година се менувавме на победничкиот пиедестал на шампионатите на поранешна Југославија. Дотогаш неприкосновениот Љубомир Савиќ мораше да се помири дека неговото време минало.
Меѓутоа, и покрај триумфите, во кариерата на тандемот Анастасов-Ристевски имаше и многу проблеми, најмногу од финансиска природа. Иако двајцата беа шампиони тешко се обезбедуваа средства да патуваат на големите приредби, па дури во прашање беа доведувани и настапите на Светските првенства. Следниот пример, кој е поврзан со еден настап на МТВ, најубаво зборува колку малку пари одделувала државата за мечувалечкиот спорт, кој секогаш беше маргинализиран.
– Спортскиот коментатор Никола Солдатов, кој не само што беше голем коментатор, туку беше и голем човек, често се јавуваше и во улога на поддржувач на спортот. По освоената поединечна и екипна титула на шампионатот на Југославија во 1971 година, тој не покани, заедно со Ристевски да бидеме гости во емисијата „Телеспорт“, која долги години тој ја уредуваше. Ние нормално ја прифативме поканата, а ја исполнивме и неговата желба да изведеме една демонстрација – за да видат гледачите како изгледа мечувањето кое некако е далеку од очите на пошироката спортска јавност. Тоа многу му се допадна и пред да ја заврши емисијата и да ни посака среќен пат и успех на Светско порвенство во Виена, беше изненаден и разочаран кога му кажавме дека можеби нема да патуваме зашто Сојузот нема пари. Солдатов во истиот момент рече – не се грижете, вие само подготвувајте се, а јас ќе се обидам и сигурен сум дека ќе најдам средства. И навистина така беше. Тој употребувајќи го својот авторитет навистина ги обезбеди парите преку МТВ и ние двајцата отпатувавме на СП во Виена.
Но, кога работата не оди-навистина не оди! Таму, штелувајќи го врвот од мечот, менгемето не било добро прицврстено и во моментот на стегањето, тоа паднало право на прстите од ногата на Сашо.
-Си реков поголем малер од ова не можеше да ме снајде. Но, знаејќи го и почитувајќи го трудот што го вложи Солдатов да обезбеди средства за да отпатуваме на СП, и покрај тоа што имав контузија на малиот прст, стиснав заби и се појавив во арената. Иако со мака, со крајни напори стигнав до 25-тото место, што беше и еден од подобрите сениорски пласмани на Југословените дотогаш.
Победа над олимпискиот првак
На следното СП по четири години во Будимпешта Анастасов беше во животна форма. Имаше одличен настап и во светската конкуренција се пласираше на 15-тото место.
-Овде ја приреддив и најголемата сензација. Среде Будимпешта го елиминирав олимпискиот шампион од Минхен, Унгарецот д-р Хенеши. Потоа во групата за пласман меѓу осумте најдобри во светот водев со 4:1 против славниот Романец Јоргу, но притисокот врз мене беше голем, не издржав, загубив со 4:5 и не се пласирав во осумката.
Александар Анастасов имаше и два настапа на Медитеранските игри, кои за југословенските спортисти во тој период беа многу значајни. Тој на дебито во Измир го освои 6-тото место, а 4 години подоцна (1975) во Алжир беше 16-ти.
-За овој настап немав доволно тренинзи со меч, повеќе работев со флорет, спарингувајќи им на девојките од југословенскиот тим. Тие имаа поголеми шанси за повисок пласман, па така јас на некој начин се жртвував ним да им помогнам.
Анастасов на МИ во Сплит – 1979 година беше присутен како судија, зашто кариерата ја заврши три години порано, откако во 1976 година ја освои последната титула сениорски првак на Југославија. Потоа, работеше како тренер и под негово водство Зоран Стојановиќ во 1977 година повторно ја донесе титулата во Македонија. Така на сцена стапија нови момци, а Сашо својот мечувалечки пат го продолжи меѓу ветераните. Во меѓувреме заедно со група ентузијасти го формираше МК Вардар, потоа беше и претстедател на Федерацијата на Македонија. Дека мечувањето му е во крвта покажа неговиот натамошен тек од животот.
Светски првак за ветерани
Како вистински мускетар Сашо продолжи да шета со мечот и сабјата по светот и настапува на првенствата и турнирите за ветерани. Тој освои повеќе од 500 трофеи настапувајќи од 2005 година за италијанската екипа Схерма Салерно.
Ќе ги наброиме неговите највредни постигнувања: Светски првак во 2017 во Марибор, две бронзи од СП – Лимож 2015 и Стралсунд 2016 и неброени пласмани на СП од 5 до 8 место. На Европските првенства и мастерси има освоено 5 златни , 1 сребрен и 4 бронзени медали, на првенствата на Северна Америка има 6 триумфи, десетина сребра и бронзи. На шампионатите и куповите на Италија (најтрофејната земја во историјата) има повеќе од десет први места, многу втори и трети места.
Анастасов, како ветеран имаше најмалку по 2 турнира во месецот. Покрај она што веќе го набројавме, тој беше по повеќе пати победник на турнирите во Италија, Полска, Русија, Унгарија, Франција, Холандија, Србија, Хрватска, Словенија, Шпанија, Австрија, Германија, Турција, Малта, Чешка, САД и други земји.
Првак и на Србија
Во текот на кариерата Александар Анастасов, во еден период настапуваше за екипата на Омладинац од Зрењанин.
-Овој војводински град, заедно со Белград, беше центар на мечувалечкиот спорт, објаснуваше Анастасов. Така, во потрага за подобри услови за тренинг, една година бев член на Омладинац. Оттаму носам многу убави спомени, а носам и една титула шампион на Србија. Верувајте оваа титула ми е една од најмилите, бидејќи ја освоив во едно жестоко финале во кое го совладав дотогаш неприкосновениот шампион Љубомир Савиќ. Верувале или не, тој повеќе од 10 годин и тоа едноподруго беше првак на Србија! Кога јас го сопрев неговиот победоносен пат, тоа беше голема сензација, а финалната борба со него уште долго се прераскажуваше во спортските кругови. Јас бев горд на тоа, зашто на некој начин, со победата над Савиќ се крена и мојот рејтинг, па ако сакате и авторитет во светот на мечувалците.
Пехар од 3,5 килограми сребро!
Учествувајќи на многу турнири, најчесто на европскиот и американскиот континент, Анастасов имаше многу победи. Меѓутоа, една ќе му остане во големо сеќавање.
-На отвореното првенство на Чешка имав среќа да ги совладам сите противници и супериорно да го освојам првото место. Наградата за оваа победа беше пехар од чисто сребро тежок 3 ипол килограми! Мора да признаете убава награда за победата и за вложениот труд, но јас се изнамачив со пехарот додека го донесов во Скопје! Тежок, ама вреден трофеј…
Трофеите кај соседите и роднините
Интересно е дека станот на Анастасов беше исполнет со стотици трофеи и подароци добиени за настапите и за победите, од времето кога беше шампион и репрезентативец на Југославија, па се до деновите кога беше активен меѓу ветераните. Во една средба со популарниот Гоце Јовчев, татко на познатиот голман Гого, му кажав дека пишувам текст за спортската биографија на Сашо Анастасов. Мислев дека треба да му објаснувам кој бил и кој се уште е Сашо, а тој со воодушевување ми рече:
-Сашо ми е комшија, супер што си се сетил да пишуваш за него, знаеш, станот веќе не може да му ги собере сите трофеи, па многу од нив има и кај мене!
Бев пријатно изненаден. Убав пример на добро соседство.