Епидемиологот професор д-р Драган Даниловски, во својата нова објава на Фејсбук направи анализа која тргнува од резултатите на Институтот за имунологија при Медицинскиот факултет во Скопје, направени со тестирање по случаен избор на минувачи на главниот плоштад во Скопје.
“Најнов податок за стапката на серопозитивни (оние кај кои се развиле антитела) во Скопје е 31%, според резултатите добиени од тестирање на примерок од 1.000 случајни минувачи на различни локации во градот, направено од страна на Институтот за имунологија при Медицинскиот факултет во Скопје.
Ако си дозволиме слобода оваа стапка да ја примениме на целата популација во Македонија (што секако методолошки не е прифатливо, но, сепак, свесни за неизбежно генерираниот „бајас“ /bias – пристрасност, деформација/, ќе го сториме тоа), се доаѓа до бројка од 496.000 (ако актуелното население е 1.600.000*, според евиденцијата на Управата за електронско здравство – „Мој термин“ при Министерството за здравство.
Од друга страна, користејќи програм, кој ги зема предвид бројот на направените тестови, бројот на случаите, бројот на починатите (податоци од worldometers,info)**, а врз основа на основниот репродукциски број за КОВИД-19 (R0=2,6) и имајќи го предвид фактот дека практично никогаш не сме имале поизразени мерки на затворање, пресметав дека веројатниот вкупен број на случаи за Македонија е 734.045 или 45,9 проценти.
Од овие пресметки произлегува дека, ако 496.000 (31%) се серопозитивни, а вистинскиот број на случаи е 734.045, тогаш 238.045 се заштитени само со клеточниот имунитет. И навистина се заштитени, според две студии – едната од Израел, спроведена на 12.000 здравствени работници, кои прележале ковид и другата во Катар, спроведена на 40.000 граѓани кои прелажале ковид. Следењето на испитаниците траело 35 недели. Некои имале развиено антитела, а некои воопшто немале. Сепак, стапката на реинфекции на крајот на тој период била 0,02% (2 на 10.000). (Линк за поткрепа на ова тврдење ќе најдете на еден од моите минати постови).
Но, да се вратам на пресметките.
За британскиов мутант прагот на колективниот имунитет при кој репродукцискиот број ќе се спушти на 1 (а тогаш растот на дневните случаи ќе има тренд на стагнација) изнесува 85 проценти (а не 60, како за оригиналната варијанта). Тогаш ќе имаме т.н. ендемска форма на ширење на вирусот.
Вкупното население во Македонија, според Управата за електронско здравство е околу 1.600.000. 85 проценти од 1.600.000 се 1.360.000 луѓе.
Ако од нив се извади веројатниот вистински број на случаи (734.045), го добиваме бројот на луѓе што не биле во контакт со вирусот:
1.360.000 – 734.045 = 625.955 луѓе.
За да се добие бројот на оние што подлежат на вакцинација, од овој број треба да се отстранат оние во возрасната група од 0-18 години. Нивниот број е 368.000 (23%).
Ако овој број го извадиме од 625.000 луѓе кои не биле во контакт со вирусот, го добиваме бројот на оние кои треба да се вакцинираат, за да се дојде до праг на колективниот имунитет од 85%.
625.955 – 368.000 = 257.955 луѓе.
За тие да се вакцинираат, потребни се 515.910 дози на вакцина.
Се разбира, за да стивне и ендемското јавување и да се сведе на спорадични случаи, ќе треба да бидат имуни не 85, туку преку 95% од населението. Тогаш, пресметките погоре би претрпеле измени.
И конечно, имајќи предвид дека огромен дел од граѓаните не планираат да се вакцинираат, реално, потребниот број на вакцини сигурно ќе биде многу помал, пишува, “Даниловски.