Осумгодишно девојче од Индија, кое требало да наследи богатство вредно 61 милион долари, било прифатено како калуѓерка во строг религиозен ред, откако се откажала од световните задоволства.
До оваа недела, Деванши Сангви била наследничка на златарите Sanghvi and Sons во западниот град Сурат, локално познат како Градот на дијамантите, поради неговата важност во глобалната трговија со скапоцени камења. Членовите на нејзиното семејство се исто така следбеници на џаинизмот, мала, но древна индиска религија која проповеда ненасилство, строго вегетаријанство и љубов кон сите суштества, пишува The Guardian.
Девојчето било прославено оваа недела на четиридневна церемонија за објавување на нејзината нова титула, при што се возело во кочија влечена од слонови. Во средата, таа пристигнала во храмот за да ја замени својата раскошна облека за едноставна бела памучна облека, откако ја отстранила целата коса.
„Деванши никогаш не гледаше телевизија, филмови или не одеше во трговски центри и ресторани“, вели сведок на церемонијата во средата, додавајќи дека девојчето редовно било присутно на церемониите во храмот. Девојчето е едно од најмладите луѓе кои ја прифатиле церемонијата „дикша“ за да ги остават своите материјални добра и да се приклучат на верските редови на Џаини.
Родителите на Деванша велат дека таа сакала да стане калуѓерка, објавија локалните медиуми. Се верува дека џаинските семејства ги охрабруваат своите деца да се приклучат на религиозните редови со цел да ја подобрат социјалната положба на нивните роднини. Бизнисот на нејзиното семејство, основан во 1981 година, има нето вредност од 5 милијарди рупии (61 милион долари), според ICRA, индиската агенција за кредитен рејтинг.
Џаинизмот има повеќе од 4 милиони следбеници во Индија, а многумина, како и семејството на Деванши, доаѓаат од богати трговски заедници. Следбениците се придржуваат до строга вегетаријанска диета, а некои монаси и калуѓерки ја покриваат устата со ткаенина за да спречат случајно голтање инсекти.