По информацијата дека министерката за финансии, Нина Ангеловска, ги извадиле своите пари од Еуростандард банката одреден период пред таа да се затвори, новинарот Огнен Јанески со пост на својот Фејсбук профил бара нејзина одговорност.
“Одговорност. Одговорност е тоа што ни треба во земјава. Да министеруваш, значи да си во служба на народот. Да излезеш достојно да образложиш, кога си ставен во дискредитирачка ситуација.
Да си млада, образована, надежна, амбициозна, претставничка на сè што треба да биде иднината, и за неполна година да се сведеш на Бонева-стил ,,не сам знајала” е дилетантизам и недораснатост. Уште пострашно за нашето општество е кога свесното веќе прераснало во несвесно. Да добиеш толку одговорна министерска позиција, да бидеш горда што си првата ем жена – ем млада на позицијата… греој! Да си рушачка на стереотипи и да се фрлиш во нивната жабокречина толку брзо. Па тоа арогантни соопштенија, наместо излегување на прес. Драга министерке, исто колку што е потребно време за скенирање фискална, толку е потребно време и за давање кратка изјава на медиуми, која не е пишана форма.
Ароганцијата и елитизмот ќе ве уништат. Како и секогаш претходно во изминатите 30 години.
👇👇👇👏👇👇👇
,,Вчера Петар Гошев, екс гувернер на Народната банка на Македонија и поранешен министер за финансии, во интервју за ТВ 24 меѓу другото изјави дека Ангеловска како членка на Комитетот за финансиска стабилност имала увид во состојбата во финансискиот сектор во државата, а со тоа и увид што се случува во банкарскиот систем.
„Ако нема кривично дело врз основа на закон, во секој случај овде има голем, голем етички проблем од страна на министерката.” – изјави Гошев“, напиша Огнен Јанески.