Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер денеска сподели дека пристигнат е тим од Вашингтон кој поагресивно ќе истражува корупција кај бивши и сегашни функционери.
-Тимот за санкции од Вашингтон е тука за поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни одговори. На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги, гонење за да се покаже дека никој не е над законот, објави Агелер на Твитер.
Агелер пред неколку дена на настан по повод одбележувањето на 30 – годишнината од партнерството на УСАИД – Американска агенција за меѓународен развој со Северна Македонија, изјави дека корупцијата продолжува да го кочи напредокот на земјава.
Слична изјава вчера имаше и амбасадорката на Германија во земјава, Анке Холштајн.
-Напредокот на Северна Македонија на патот кон Европската Унија ќе зависи во голема мера и од успешното сузбивање на корупцијата, има многу работи кои треба да се направат, но ја имате нашата поддршка, рече Холштајн.
Министерството за финансии на САД на 11-ти април годинава објави листа на санкционирани лица и ентитети од Западен Балкан, на која се ставени и поранешниот премиер Никола Груевски и екс шефот на УБК Сашо Мијалков.
-САД и партнерите, како што е Обединетото Кралство, бараат одговорност од оние кои ја загрозуваат стабилноста, напредокот и европската интеграција на регионот, напиша тогаш на Твитер, американскиот државен секретар Антони Блинкен.