На социјалните мрежи изминатите неколку дена многу внимание предизвикаа фотографиите од свежо реновираните тоалети во основното училиште „Климент Охридски“ во Прилеп. На нив може да се види дека тоалетите се уредени во оригинален стил, а на ѕидовите се насликани ликови и јунаци од цртани филмови.
Сепак, најмногу внимание и коментари од корисниците на мрежите привлече уредувањето на женските училишни тоалети – ѕидовите во нив се прекриени со логоата и имињата на модни брендови: „Гучи“, „Версаче“, „Диор“, „Зара“, „Луј Витон“…
Дел од граѓаните кои коментираат, велат дека потегот на училишното раководство е симпатичен, но се добива впечаток дека е поголем бројот на другите – кои ова го оценија како кич, а се поставија и прашања околу тоа дали тоа е соодветно уредување на тоалет во една воспитно-образовна институција, особено ако таа е основно училиште.
Реновираните тоалети во јавноста ги претстави директорот на училиштето, Ахил Јаков, кој во објавата на Фејсбук напиша дека проектот бил „комплетно финансиски обезбеден од локалната самоуправа“.
„Со посебна чест и гордост објавувам видео од комплетно уредените ултра модерни тоалети во ООУ “Климент Охридски” Прилеп. Посебно макотрпен проект, заборавен од времето на минатиот век… комплетно финансиски обезбеден од локалната самоуправа. Посебна благодарност за донацијата за сензорното осветлување на истите тоалети од фирмата Диадема од Прилеп. Со овој проект,завршува комплетната реконструкција на сите тоалети во кругот на училиштето. Се надевам со тек на времето нашето училиште ќе биде едно од најубавите во Македонија“, напиша Јаков на Фејсбук.