Грчките лекари проценуваат дека попуштањето на ограничувањата поради пандемијата на новиот коронавирус во нивната земја би можело да почне во мај, а во јули веројатно ќе може да се оди и на плажа. Други велат дека нивните проценки се „оптимистични“ и предупредуваат дека дури и тогаш животот нема да биде како што беше пред пандемијата.
Тешко е да се предвиди иднината, но Грција работи многу добро“, рече за државната новинска агенција АПЕ-МПЕ претседателот на Националниот совет на Грција за истражување на технологија и иновации Емануил Дермицакис, професор по генетика на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Женева и директор на Центарот за генетика „Хелт 2030“.
„Ако значително падне бројот на заразени и починати, ќе зборуваме за ублажување на мерките. Верувам дека од мај мерките ќе почнат да попуштаат, но постепено, според стратегијата, со приоритети. Верувам дека луѓето ќе можат во јули послободно да одат на плажите, а можеби и да патуваат на островите. Но сето тоа е само ако развојот биде како што е сега“, рече тој генетичар.
Со население од 11 милиони, Грција заклучно до вчера има 1.755 заразени, вкупно 79 починати (шест повеќе од претходниот ден) и 78 оздравени.
Дермицакис смета дека „генетскиот профил на пациентот, во комбинација со геномскиот профил на короната, во најголем дел е одговорен за огромните разлики забележани во клиничките симптоми од личност до личност“ и додава дека тоа е познато и кај хепатитисот, СИДА-та и многу други заразни болести.
Април е пресуден за коронавирусот во Грција, рече за атинска ТВ-МЕГА професорот по клиничка вирологија на Универзитетот на Крит Јоргос Сурвинос, кој истовремено е и член на Управниот одбор на Грчката организација за јавно здравје.
Сурвинос објасни дека април е клучен, бидејќи веќе помина значителен дел од периодот „постепен развој и ширење на коронавирусот во општеството“ и од пресудно значење е тој да продолжи да биде постепен.
Затоа тој смета дека бројките ќе продолжат да растат, дека пикот на ширењето сè уште не е достигнат и дека „кога трендот на кривата ќе почне да се спушта, тогаш ќе можеме да зборуваме за промена на мерките за ограничување и можеби постепено да ги намалуваме“.
„Но не очекувам дека тоа ќе се случи во април. Поповолно сценарио е почетокот на мај“, рече Сурвинос.