Грчката Влада, за уште две седмици ја продолжи забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, како и мерката за ограничување на копнените поврзувања на земјата со Северна Македонија и Албанија.
Продолжувањето на конкретните мерки е дел од низата ограничувања што исто така се продолжуваат за две седмици, а попладнево ги соопшти заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас на редовната прес конференција за Ковид-19 во Министерството за здравство.
Претходната заедничка министерска одлука за прекинот на копнените поврзувања на Грција со Македонија и Албанија истекува на 31 август, а ќе се продолжи со нова што ќе биде во сила до 15 септември.
Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на вчерашниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, најави дека ќе има продолжување на голем дел од мерките што се во сила, меѓу кои и оние што се однесуваат на копнените граници.