Претседателот на Владата на Грција, Кирјакос Мицотакис во видео пораката до граѓаните ги презентира главните точки на планот за следните два месеци, под новиот слоган „Остануваме безбедни“.
Од понеделник целосно се укинува ограничувањето на движењето, односно обврската на граѓаните при секое излегување да праќањето смс порака или да пополнуваат потврда. Паралелно, ќе се отворат продавниците како што се книжарниците, продавниците за електронски производи, за спортски производи, фризерските салони (само со закажување), додека пак останатите продавници, ќе се отворат една седмица подоцна на 11 мај, а трговските центри на 1 јуни.
Наставата за матурантите ќе започне на 11 мај, една недела подоцна одново ќе тргнат на училиште учениците од средните училишта, а секако ќе постојат посебно правила за да се избегне метеж.
Основните училишта и градинките засега остануваат затворени, а постои веројатност да се отворат на 1 јуни, само, како што рече Мицотакис, „ако сме апсолутно сигурни дека текот на болеста се движи по надолна линија“.
Во однос на црквите, Мицотакис рече дека од 4 мај ќе бидат отворени за индивидуални молитви, додека пак од 17 мај, верниците ќе може да присуствуваат на литургиите, но под одредени правила кои дополнително ќе се одредат.
На 1 јуни ќе започнат со работа угостителските објекти, а ќе се отворат и хотелите кои што функционираат во текот на целата година.
Грчкиот премиер рече дека во текот на летото речиси е невозможно да се дозволат големи собири како што се фестивали, концерти и или спортски натпревари со публика.