Телото на aмериканската глумица Наја Ривера е пронајдено по шестдневна потрага на местото каде што исчезна во езерото Пиру во Калифорнија, соопшти денеска полицијата.
„Ние сме убедени дека телото што го најдовме е на Наја Ривера. Таа собрала доволно сила да го врати својот син на бродот, но не и доволно за да се спаси себеси“, рече шерифот на округот Вентура, Бил Ајуб, додавајќи дека многуте дрвја и растенија под водата ја отежнувале потрагата во северната половина на езерото.
Според шерифот, нема индиции дека смртта била насилна или дека глумицата се самоубила.
Ривера (33), инаку позната по улогата во популарната мјузикл-серија „Хор” (Glee), исчезна во средата откако отишла на рекреативно пловење на езерото заедно со својот четиригодишен син. Момчето потоа било пронајдено само на туристичкиот брод.
Синот на Ривера рекол дека таа отишла да плива и никогаш не се вратила.