Зоран Михајлов
– РЕМИТО 2:2 СО АНГЛИЧАНИТЕ КАКО ПОБЕДА
Не е многу чудно,во денешно време, кога на фудбалскиот терен гледаме многу мајстории од врвните фудбалери, да биде постигнат гол од корнер. Но, ако тој гол е постигнат, во еден меч со поранешен светски првак,и тоа на негов терен,и тоа во колевката на фудбалот – Англија, е тоа веќе може да се смета за вистинско ремек-дело.
Јас, како коментатор, ја имав токму таа чест да го пренесувам квалификацискиот натпревар за Европското првенство меѓу Англија и Македонија, одигран во Саутемптон, есента во 2002-та година,кога Артим Шаќири ги занеме навивачите на Гордиот Албион и од корнер ја смести топката во голот на легендарниот Симан.
Тој момент,навистина вреди да се опише:
Стадионот Сент Мери беше исполнет до последното место. Тоа не е чудно и ништо невообичаено за англиски услови,особено кога настапува националната репрезентација. Откако го опишав сиот тој амбиент, ги изрецитирав и составите, а за да потенцирам и за кој град во Англија се работи, го кажав и она добро познатото (колку да ги потсетам гледачите) дека од пристаништето на Саутемптон, на последното свое патување по Атлантикот исплови легендарниот брод „Титаник“,кој се сметаше за вистинско ремек-дело и за морска „грдосија“,но за жал удирајќи во санти мраз потона и неславно го заврши своето патешествие во студсените води на Океанот.
Тоа ми беше како вовед во онаа непријатност што подоцна ја доживеа репрезнтацијата на домаќинот, предводена од една од најмаркантните и најхаризматичнни фудбалски звезди Дејвид Бекам. Навистина во тој натпревар Македонија не победи, но извлече реми-2:2,кое за селекторот Ериксон и целата, не само англиска, фудбалска јавност беше рамно на пораз! Уште повеќе и поради фактот,што од многуте интервјуирани граѓани на Саутемптон пред мечот, тоа го прочитавме во локалниот весник, речиси повеќето од половината и не знаеја каде се наоѓа Македонија! Нам ни беше чудно и се прашувавме, зарем овие не учеле географија,кога имаше и такви нагаѓана, како на пример овие: дека Македонија е некаде близу до Шпанија или таму некаде кон Русија или на автопатот Е-5! Сето тоа ни беше чудно и навредливо,па откако одвај издржав навивајќи за нашите, заедно со нив да го дочекам крајот со оној симпатичен резултат за нас-2:2, начекав да го кажам она што во текот на целиот претстој во Саутемптон тлееше во мене и го завршив коментарот со зборовите:
„Ако до вечерва повеќето Англичани не знаеја каде е Македонија, сега ќе ги отворат атласите и ќе видат каде е таа држава чија фудбалска репрезентација им го загорчи животот, а јас оваа возбудлива фудбалска вечер ја завршувам со зборовите дека – во овие мигови на славје и гордост убаво е да си Македонец на стадионот Сент Мери…“
Тоа беше крајот. Но, сега одам на почетокот и на она што беше поента на сето ова погоре кажано, на голот постигнат од корнер. Тоа изгледаше вака:
„Се уште е 0:0, нашите репрезЕнтативци храбро влегоа во дуелот и одлично се носат со противникот. Еве, сега треба да изведеме и корнер. Топката е во рацете на Артим Шаќири, еден од нашите најстандардни и најквалитетни фудбалери. Тој е вистински мајстор за изведба на ударите од аголот“.
Занемувам и го очекувам Шаќири да ја намести топката на аголот и да го изведе ударот. Топката имаше едно убаво ефе и се забележа дека оди директно кон голот. Го очекувам крајниот епилог, а претходно со треперлив глас извикувам:
„Шаќири,Шаќири …очекувам да видам каде ќе зврши топката, и со возбуда извикувам –гол, гол, гол 1:0 за Македонија, каков резантен удар на Шаќири…гол, водиме, публиката е нема, не верува дека ова се случи, Ериксон гледа во земја, а очите на голманот Симан лутаат кој знае каде, тој е збунет не очекуваше вакво нешто, со неверување ја вади топката од мрежата. Нашите, сите се во прегратка…“
Мечот продолжи, Англија израмни, за ние повторно со ефектниот гол на Трајанов да поведеме, за на крајот средбата да заврши без победник – 2:2. За Македонија тоа беше и е еден од највредните фудбалски резултати и подвизи, а за гордите Англичани ремито беше разочарувачко – како пораз.
Сите бевме среќни, а селекторот Никола Илиевски-Џиџи пресреќен, зашто тактиката особено за поставеноста на одбраната, за која претходно ние новинарите, кои некогаш претеруваме и се однесуваме како поголеми селектори од селекторот, се сомневавме излезе дека е на место. Ние не бевме во право, впрочем тој е оној што размислува за тактиката, а ние не сме толку стручни да му „солиме“ памет, туку да го пренесуваме она што го гледаме и одвреме-навреме (по урнек на пример на германските коментатори) да настапиме со свое видување и коментар.
Ете, тоа беше едно од моите најпријатни коментаторски доживувања, кое во последните 15 минути се претвори во отворено навивање, зашто почувствував оти ќе извлечеме поволен рзултат, па ги бодрев нашите репрезентативци и имав чувство како и јас да сум на теренот.