Обвинителството бара притвор за дадилката која завчера во полиција беше пријавена дека малтретирала две деца близначиња.
Дадилката која е на возраст од 55 години се гони за кривично дело запуштање и малтретирање на дете.
Според информациите од Обвинителството, во период од 1 до 27 ноември дадилката чувала две тригодишни близначиња, но додека ги чувала, без причина физички ги напаѓала со удари по главата и кубење на косата.
Мајката на децата во домот поставила безбедносни камери и при прегледот на видео записот го забележала малтретирањето и однесувањето кон децата, по што поднела кривична пријава.
Пред само една недела во игротека во кафуле во трговскиот центар Капитол, беше снимена негувателка која тепа двегодишно дете, кое го чувала заедно со уште две други деца. Оваа дадилка заврши во притвор, а за новата одлука треба да донесе Кривичниот суд.