Македонско знаме се вее неколку дена на тераса од зграда во Пловдив, Бугарија, а тоа предизвика гнев кај нашите соседи.
Бугарскиот портал „ТрафикЊуз“ објави фотографија од знамето која се споделува на социјалните мрежи и предизвика негативни реакции кај Бугарите.
-Можам да замислам што ќе се случи ако ставам бугарско знаме да се вее во Македонија, напиша еден корисник на Фејсбук.
-Ќе добиеш ќотек за такво нешто во Македонија, а ние овде си молчиме, му одговори друг корисник на социјалната мрежа.
Трет корисник на социјалните мрежи, пак, открива дека го познава сопственикот на станот на чија тераса се вее македонското знаме среде Пловдив.
Тој вели дека сопственикот е Македонец и дека таму живее долги години, но дека сега за првпат се случува да закачи македонско знаме на терасата.