Германскиот научник и добитник на Нобелова награда во областа на физиологијата, Харалд зур Хаузен, предупредил дека слабо проучен вирус, кој се наоѓа кај кравите, може да предизвика рак кај луѓето!
„Верувам дека домашните животни можат да бидат директни предизвикувачи за рак на дебелото црево кај луѓето. Имаме експериментални податоци за поддршка на оваа хипотеза. Сепак, ова, се разбира, треба дополнително да се потврди”, истакнал Хаузен.
И други научници претходно предупредувале дека употребата на црвено месо (говедско, телешко, коњско, овчо и свинско месо) го зголемува ризикот од добивање рак на дебелото црево. Но, Хаузен тврди дека опасноста доаѓа само со говедско месо, но колку и да изгледа неверојатно, и со кравјо млеко.
„Традиционалното објаснување е поврзано со подготовка на месо за јадење на скара, па оттука и тврдењата дека тоа води до формирање канцерогени. Оваа теза го губи од вид фактот дека истите канцерогени материи се формираат со пржење риба и пилешко, и дека никој не мисли дека употребата на месо од животни со пердуви и риби го зголемува ризикот од заболување од рак на дебелото црево“, нагласува научникот.
Тој, исто така, открива дека во своето истражување посветил посебно внимание на фактот дека во Монголија се јаде многу црвено месо, и дека ракот на дебелото црево е исклучително редок, како и во Индија, каде говедско месо всушност никогаш не се јаде од верски причини. Хаузен, исто така, посочува дека нивото на колоректален карцином нагло се зголемило по Втората светска војна.
Тој е убеден дека ова е најдиректно поврзано со фактот дека увезеното говедско месо станало популарно во тие земји. Германскиот научник додава дека ракот на дојката е многу поредок во споменатите азиски земји, бидејќи кравјото млеко и млечните производи минимално се користат во нивната исхрана.
Хаузен за научното списание International Journal of Cancer изјавил дека проучувал примероци од крв и млеко од крави и во нив пронашол ДНК елементи кои би можеле да припаѓаат на непознат вирус, што може да биде причина за рак.