Група германски доктори позирале голи за да го привлечат вниманието за недостаток на заштитна опрема, пренесува Гардијан.
Протестот го нарекле „Blanke Bedenken” или „Гол страв“, а членовите на групата велат дека се чувствуваат загрозени и тврдат дека нивните повици за помош во текот на изминативе неколку месеци биле залудни.
Еден од докторите, Рубен Бернау, доктор по општа пракса, вели дека тој и неговиот тим веќе со месеци немаат доволно опрема за да се борат со вирусот.
– Голотијата симболизира колку сме ранливи без опрема – вели тој.
Лекарите позирале на своите работни места, криејќи се зад досиејата, медицинската опрема, тоалет хартијата и рецептите.
Докторот Кристијан Рехенвалд вели дека инспирација за овој протест добиле од францускиот лекар, Ален Коломбиј, кој прв се фотографирал гол во својата ординација, откако себеси и своите колеги ги опишал како „топовско месо“ во борбата против коронавирусот.
Докторката Јана Хусеман вели дека сакаат да продолжат со лекување на пациентите.
„За тоа ни е потребна соодветна опрема“, рекла таа.
Инаку, неодамнешно истражување на здруженијата на германските здравствени осигуреници открило дека на докторите им недостасуваат повеќе од 100 милиони маски за еднократна употреба, скоро 50 милиони филтер маски и повеќе од 60 милиони ракавици за еднократна употреба.