Гастарбајтерот Вуле од Србија веќе со децении живее во Германија, каде децата му пораснале, вели дека и натаму се восхитува на германската чесност.
Овој Србин вели дека со години гледал штандови и гајби со овошје и зеленчук покрај патот, на фармите, покрај кои не стои никој, туку само стои истакнат ценовник.
Нема ни сопственик, ни продавач, само каса во која ставаш пари за тоа што си земал. Покрај неа стои натпис на кој се апелира на чесност од купувачите да остават пари – и ништо повеќе.
Вуле додава дека има многу распродажби на стари работи пред продавници и приватни куќи кои работат на ист принцип.
Сопственикот изнесува сè што сака да продаде, лепи цена, става каса, а луѓето кога ќе земат нешто, тоа и го плаќаат.
Сето тоа Вуле веќе го видел, не е ништо ново, но тоа што го изненадило се и маркетите без ниеден вработен кои се отвориле во Германија во минатите шест месеци.
Вуле објаснил дека таквите продавници некогаш одамна биле насекаде по Германија, додека не се отвориле големите трговски центри и супермаркети кои ги уништиле тие бизниси. Бидејќи немало доволно промет да се платат работниците, тие продавници пропаднале.
Меѓутоа, неодамна повторно воскреснале отворајќи се низ соседството, но по нов принцип.
Во нив нема вработени. Внатре е сè полно, има леб, слатки, соленки, месо, млечни производи, кафе … сè што му е потребно на едно домаќинство, а добри се и бидејќи се блиску и не мора да возиш 15 километри до најблискиот супермаркет.
Тој влегол во таа продавница и забележал дека внатре има една камера, каса и натпис со кој се апелира на чесност од купувачите но и се предупредува дека секоја кражба се казнува по закон.
„Ова на Балканот не би можело да мине … Ма не само на Балканот, и во Шпанија, каде насред улица ти крадат ташна, ни во Франција, ни во многу други земји од ЕУ“, уверен е Вуле кој на снимката демонстрира како се купува и плаќа во продавница без ниеден вработен.