Еден од сопствениците на ресторанот „Ла Страда“ Оливер Николоски негира дека од неговиот ресторан биле избркани македонскиот фудбалски репрезентативец Езџан Алиоски, неговите пријатели и неговите родители, поради тоа што зборувале на албански јазик. Николоски ја раскажува другата страна од приказната откако Алиоски го обвини ресторанот преку медиумите.
„Претходно во текот на денот направивме резервација на неколку маси за група моторџии од Кавадарци кои наминуваат во нашиот објект штом ги носи патот во Прилеп. На една од нив беше седнат и фудбалерот Алиоски со свои луѓе. Им беше речено дека ќе треба да сменат маса, бидејќи на таа што седеа и уште неколку за пола час ќе дојдат најавени гости. Ниту им беше речено да станат веднаш, ниту беа навредени, ниту беа избркани. Но, веројатно поради тешкиот говор и зборување на македонски, дојде до недоразбирање, па укажувањето дека треба да се преместат го сфатија дека треба да заминат. Трипати се извинив, но беше залудно. Ниту како човек ниту како сопственик на објектот не сум имал проблем со националност на гостите“, рече Николоски за Нова ТВ.
Алиоски случајот го пријавил во полиција, па Николоски ова го кажал и во својот исказ во полициска станица каде посочил дека се работи за недоразбирање.