Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден 29.03.2023 година одлучуваше по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда по предметот познат во јавноста како „Јавна соба“.
Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе пресуда Квп2.бр.23/2023 со која барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1851/21 од 11.03.2022 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр.588/22 од 24.11.2022 година, ги одби како неосновани.
Креаторот на групата „Јавна соба“, Дарко Костовски, доби четири години затвор, а на администраторот Михаил Паневски му се досудени исто така четири години затвор, од судијката Билјана Коцевска. Казните ги добија бидејќи обвинителот Владо Милошевски тврдеше дека тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудиовизуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете. Двајцата се гонат за кривично дело производство и дистрибуција на детска порнографија.
102.000 записи од фотографии и видеа биле најдени во телефонот на основачот на групата, а над 14.000 фотографии и видеа кај модераторот, кажа судијката.
Обвинетите се огласуваат за виновни бидејќи првообвинетиот ја основал групата „Јавна соба“ на Телеграм, а второобвинетиот како модератор иако морале да внимаваат што се прикачува во групата, дозволиле да се направи достапно видео со порнографски елементи со дете.