Статистиката на Еуростат покажува дека во Македонија граѓаните купуваат најевтина храна, безалкохолни пијалоци (кафе, чај, минерална вода, овошни сокови и др.) и тутун од сите 37 држави на европскиот континент.
За задоволување на основните потреби, плус цигари, на македонскиот граѓанин му се потребни само 61% од средствата на ЕУ просекот. На пример, доколку една потрошувачка кошничка со овие производи во европска земја би чинела 100 евра како средна вредност, во Македонија истата би била речиси половина поевтина.
На второ место оддолу, веднаш по Македонија е Романија чии граѓани можат да купуваат храна, безалкохолни пијалоци и тутун за 65% од просекот, а потоа следуваат Полска и Турција.
Убедливо на врвот, како најскапи држави се Швајцарија (163%), Норвешка (157%) и Исланд (140%). Таму потрошувачката кошничка за овие производи надминува 140% од европскиот просек, односно за истите производи би се платиле 50% или повеќе од другите европски држави, односно повеќе од двојно поскапо од Македонија.
Од земјите во регионот, БиХ (76%), Србија (78%) и Бугарија (78%) се блиску до дното, но сепак на нивните граѓани им требаат далеку повеќе средства за задоволување на прехранбените потреби.
Македонија има и најевтина храна и риба, а е на второ место, зад Романија, во однос на цените на месото и лебот, како и веднаш зад Полска според цените на млекото и млечните производи.
Во делот на зеленчукот, овошјето и маслото за јадење (плус путер и маргарин), Македонија е убедливо најевтина во Европа.