Македонските лекарски тимови од следната недела ќе бидат засилени со медицински персонал од Шведска и од Словенија, а најавена е помош и од Германија. Од Шведска, на барање на Министерството за здравство, а преку Механизмот за цивилна заштита пристигаат десет медицински сестри и еден лекар. Во најава е и пристигнување на медицински тим од Република Словенија. Трошоците за патувањето и сместувањето ќе бидат на товар на Министерството за здравство.
За ова директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џафероски ги информирал членовите на Главниот координативен кризен штаб за спречување на внесување и ширење на вирусот ковид-19, кој на 24 јули го одржа 103. состанок, а чиј записник веќе го усвои Владата.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, пак, информирал дека од Берлин е најавена соодветна помош (медицински персонал, лекови, заштитна опрема, респиратори итн.) за сите држави од регионот. Записникот од 103. состанок на Главниот координативен кризен штаб се однесува на обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на ковид-19.