Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Високиот крвен притисок е втора водечка причина за бубрежна слабост, после дијабетесот.
Крвен притисок е силата со која крвта притиска на зидовите на крвните садови како што срцето ја пумпа крвта. Висок крвен притисок, хипертензија, е зголемување на таа сила која крвта ја прави на зидовите на крвните садови како се движи низ телото. Фактори кои може да ја зголемат таа сила се висок крвен волумен поради вишок на течности во крвта и промени на крвните садови кои може да се стеснети, крути или запушени.
Нормален крвен притисок кај здрави особи е 120/80ммХг, прехипертензија е крвен притисок од 120-139/80-89ммХг, а хипертензија е ако крвниот притисок е над 140/90ммХг.
Високиот крвен притисок може да ги оштети крвните садови насекаде низ телото и во бубрезите и да ја намали нивната способност за правилно функционирање. Кога силата на крвната струја е голема, крвните садови се шират, се “растргаат” за да крвта тече полесно. Со тек на време ова растегнување ги оштетува и слабее крвните садови, вклучувајќи ги и крвните садови во бубрезите.
Бубрезите и системот за циркулација се меѓусебно зависни во одржување на доброто здравје. Бубрезите помагаат да се филтрираат отпадните материи и вишокот на течности од крвта.
Бубрегот не е еден голем филтер. Секој бубрег е граден од околу 1 милион нефрони – филтрирачки единици. Секој нефрон филтрира мала количина на крв. Нефронот содржи филтер, гломерулус и тубул (цевче). Нефроните во бубрезите содржат густа мрежа од мали крвни садови и голем волумен на крв поминува низ нив секој ден (200литри). Филтрираната течност и отпадните материи ја создаваат урината која поминува низ тубулите и се исфрла надвор од телото.
Кога ќе се оштетат крвните садови, нефроните кои ја филтрираат крвта се оштетуваат. Со тек на време, неконтролираниот крвен притисок води до оштетување на малите крвни садови во бубрезите, тие стануваат крути и се стеснуваат. Овие оштетени крвни садови повеќе не можат добро да ја филтрираат крвта, а оштетените артерии не носат доволно крв во бубрезите и бубрежното ткиво.
Така бубрезите ја губат способноста да ги вршат своите функции – регулација на течностите, отпадните материи, солите, киселините, хормоните во телото.
Здрави бубрези продуцираат хормон ренин кој учествува во регулација на крвниот притисок.Оштетените бубрези не можат да го регулираат крвниот притисок.
Ако крвните садови во бубрезите се оштетат тие може да престанат да ги отстрануваат од телото вишокот течности и отпадни материи. Вишокот течност во крвните садови потоа може да го зголеми крвниот притисок уште повеќе и така се создава многу опасен круг.
Бубрежното оштетување и бубрежната слабост се кумулативни процеси на кои им требаат години за да се развијат. Ризикот може да се намали со добра контрола на високиот крвен притисок.