Љупчо Палевски е приведен од српската полиција на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ и во моментов се наоѓа во екстрадициски притвор – објави 360 степени.мк
Информацијата за „360 степени“ ја потврди неговиот адвокат Васко Стојков.
Приведувањето се случило вчера околу 19,00 часот по потерница распишана од Република Хрватска.
Тој вели дека во моментот на приведувањето Палевски се подготвувал да отпатува за Москва, каде според него, требало да склучи бизнис зделка.
Палевски своевремено живееше и работеше во Хрватска. Адвокатот тврди дека хрватските власти го бараат Палевски за долг на негова фирма во Хрватска од 2,5 илјади евра. Стојков вели дека Палевски никогаш не примил покана на адресата во Македонија за да се појави пред хрватските правосудни органи.
Инаку, Љупчо Палевски беше еден од предводниците на протестите против промената на името и е политички активен во партијата „Глас за Македонија“ на Солза Грчева.