Црвениот Крст од Охрид информира дека утринава нивните волонтери кои биле претходно повикани да помагаат во процесот на вакцинација кој започна денес во салата „Билјанини извори“, биле избркани.
“Со жалење и неверување Ве известуваме дека денес, 04.05.2021 г., во 8 ч. екипата на Црвен крст Охрид која на барање на Директорката на Здравствен дом Охрид беше повикана да помага во процесот на масовна вакцинација во спортската сала Билјанини извори, беше грубо избркана од страна на Сашо Денесовски, т.н. координатор на спроведување на масовната вакцинација во Охрид. За жал и овој пат личните комплекси и фрустрации на една личност победуваат пред потребите за асистенција и помош на лицата кои се вакцинираат и на олеснување на административната работата на оние кои се вклучени да го спроведуват вакциналниот процес, што е активност на волонтерите на Црвениот крст во сите земји во светот каде се спроведува масовна вакцинација против Ковид-19“, објави Црвениот крст Охрид на Фејсбук.
Од Црвениот крст велат дека нивните волонтери остануваат подготвени доколку има потреба да продолжат во помагање и олеснување на процесот на вакцинација против Ковид-19 на вакциналниот пункт на Здравствен дом Охрид во Општата болница Охрид.