Tехничкиот премиер, Оливер Спасовски на Фејсбук објави дека донеле одлука за оддавање достојно признание на авторите и протагонистите на филмот „Медена земја“, кој по серијата највисоки меѓународни филмски признанија, е номиниран за највисоката филмска награда Оскар во две категории.
„Обезбедуваме материјална помош и домување за Атиџе Муратова и осумчленото семејство што учествуваше во филмот, а за авторите, пет-члената екипа која го сними филмот признание за успехот и месечен материјален надомест. За широка афирмиција на големите и благородни пораки што ги пренесува филмот, Владата ќе ја поддржи организацијата на серија едукативни настани за темите што ги отвора филмот, и организирано прикажување на филмот „Медена земја“ во сите средни училишта во земјата, на универзитетите и во домовите на култура, како и заедничко гледање на филмот со децата од малите групни домови, и лицата од социјален ризик“, пишува Спасовски.
Владата ги презема патните трошоци за патувањето на петчлената филмска екипа и за хероината на филмот Атиџе Муратова на доделувањето на Оскарите, наведе Спасовски.