Жена која од 15 март 2020 година има симптоми на коронавирусот и негови продолжени потешкотии, ја раскажа својата приказна.
Две години не може да работи, едвај станува од кревет, а иако како дијагноза се препознава продолжениот ковид, како и постковидниот синдром, не може да добие потврда дека повеќе не е способна за работа.
Керин Бишоф била медицинска сестра во противпожарната станица, а коронаворусот го добила на 15 март 2020 година.
Се снашла „релативно добро“ – не морала на респиратор, а последиците од коронавирусот останале. И не поминуваат, две години подоцна.
„Морам да поминувам околу 85 отсто од времето во кревет. Моите симптоми се несоница, гадење, чувствителност на топлина, осип, вртоглавица, повраќање, тахикардија, тинитус, болка во градите, хронична болка и вкочанетост, ужасен замор, чувствителност кон светлина, згрозеност кон храната и кашлица. И тоа не е се“, вели таа.
„Секој ден се будам со болки, а од 15 март 2020 година главата ми пука од главоболки. Не спијам затоа што ноќе ми се враќаат најлошите моменти од животот“, рекла Керин.
Таа е самохрана мајка и единствено што успева во текот на денот е да го носи своето дете на училиште. Потоа се враќа дома и легнува. Потоа некако станува од креветот и оди да го земе синот. И така секој ден.
„Ја изгубив работата затоа што не можев да работам поради сите проблеми. Но, не добивам потврда од комисијата за попреченост, иако постковидовиот синдром е официјална дијагноза“, рече таа, а потоа кажа колку троши на лекови.
Лековите што ги пие и средствата што ги зема ѝ ги испразниле заштедите. Да не успеела да ја намали цената кај фармацевтот што го познава, ќе давала 880 долари месечно само за лекови против мигрена. Медицинската марихуана ѝ помага со мачнините, но таа „плаќа во кеш“.
„И многу од лекарите кои ме прегледаа не беа покриени со моето здравствено, туку ги платив во готово. Ме прегледаа вкупно 20 лекари, од кои девет морам редовно да ги посетувам. Тројца од нив наплаќаат во готово”, рече Керин.
„Колку луѓе како мене има? Кој може да ни помогне и дали светот е свесен низ што поминуваме?“
„Кога луѓето мислат на коронавирусот, тие мислат на животот или смртта. Тие не мислат на нас кои сме оставени некаде помеѓу двете. Не сме умреле, но сè уште не сме преживеале. Би сакала само да не мораше да се трудиме толку напорно за да докажеме колку ни е лошо“, заклучи таа.