Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против 23-годишна велешанка за кривично дело – убиство на миг од член 125 од Кривичниот законик, која според информациите, во самоодбрана го убила својот сопруг кој физички ја малтертирал.
Убиството се случило на 29.09.2021 година како последица на семејно насилство, откако таа го убила лицето А.Р., со кого живеела во вонбрачна заедница.
Откако вратиле дома од гости, А.Р. во видно алкохолизирана состојба започнал вербална расправија со обвинетата, нарекувајќи ја со најпогрдни зборови. Таа влегла во спалната соба и легнала да спие, но тој дошол до неа, ја фатил за пижамата и со неа ја влечел до кујната, удирајќи ја со тупаници по главата, увото и левото рамо, како и со клоци по левата натколеница. Потоа силно ја фатил со раце во пределот на вратот да ја дави Обвинетата давала отпор и го молела да ја пушти, а во еден момент од масата зела нож и му нанела убодна рана во пределот на срцето. Како последица на убодот, дошло до пореметување и престанок на функционирањето на срцето и смрт кај сега починатиот, се вели во соопштението на ОЈО.
Оттаму информираат и дека бидејќи постоеле знаци на опасност од бегство на обвинетата, заедно со Обвинителниот предлог бил доставен и предлог за продолжување на мерката куќен притвор определена за обезбедување на присуството на обвинетата во текот на кривичната постапка.