Вдовицата на неодамна починатиот актер Шон Конери, Мишелин Рокбрун е обвинета за затајување данок во Шпанија и се соочува со затвор и парична казна од 23 милиони евра, пишува The Sun.
Иако Мишелин негира сè и тврди дека станува збор за глупост, шпанските власти ја обвинуваат за затајување данок при продажба на недвижен имот во Марбеља и и рекле дека, и покрај смртта на нејзиниот сопруг, случајот сè уште е активен.
Тие предупредиле дека имаат намера да ја известат Мишелин за обвинението за да може да се одржи судење. Обвинителите се пожалиле на недостаток на соработка од властите на Бахамите, каде Конери почина на 90-годишна возраст.
„Официјалните барања се два пати испратени до Бахамите да ја известат Мишелин за обвинението и судската постапка против неа, но шпанските власти сè уште не добиле одговор“, изјавил извор за весникот.
На Конери, кој беше во брак со Мишелин цели 45 години, во 2014 година му било кажано дека нема да биде обвинет за продажба на својата куќа во 1999 година.
Куќата е срушена за да се изградат 70 станови, и покрај правилата кои велат дека можело да се изградат само пет.
Адвокатите на актерот, градоначалникот на Марбеља и шест советници завршиле во затвор поради измама. Судијата донел одлука Мишелин да биде судена и може да се соочи со затворска казна и голема парична казна доколку биде осудена за даночна измама.