М-р Калиа Поповска
советник за депресија, анксиозност и проблеми во однесувањето
Web strana: https://www.kaliatherapylondon.com/
Instagram: kalia.therapylondon
Зошто се чувствуваме љубоморни? Љубомората се поврзува со токсичните врски, независно дали се работи за романтична врска или не. Љубомората може да стане деструктивна и да ги уништи односите.
Љубомората значи огорченост кон некого и негодување. Ова е често затоа што другите може да имаат нешто што го сакаме или посакуваме или се плашиме дека нешто што ни е драго ќе биде одземено.
Љубомората често е предизвикана од внатрешен аспект, како чувство на неадекватност, несигурност, ниска самодоверба, лоша слика за себе или верување дека не сме сакани. Дополнително, љубомората може да произлезе од неусогласеност на очекувањата каде што нашите очекувања биле повисоки од она што сме го постигнале или што се случило.
Признавањето дека се чувствуваме љубоморни е првиот чекор кон решавање на проблемот и спречување тој да ескалира.
Да се носи товарот на љубомората е многу тешко но може да се надмине, може да се справиме на конструктивен и здрав начин.
Испитајте ги вашите внатрешни чувства – љубомората повеќе кажува за вас отколку за другиот. Идентификување на сопсвената несигурност помога да се разбере коренот на вашата љубомора. Тоа може да се направи со саморефлексија во форма на пишување дневник, медитација или работа со терапевт.
Дозволете им на другите да ги знаат вашите грижи – дадете им до знаење за вашиот внатрешен дијалог и зошто се чувствувате несигурни. Заедно може да изнајдете начини подобро да се разберете еден со друг за да се надмине чувството на љубомора. Може да погледнете на вашата љубомора како нешто што вашиот ум се обидува да ви каже, на што треба да работите.
Најдете начин како да се справите во моментот ако имате чувство на интензивна љубомора, механизми за справување кои помагаат во моментот и спречуваат лошо однесување.
Напуштете го местото, прошетајте или истрчајте се, или може да правите нешто смирувачко, а потоа да се вратите на ситуацијата и да останете на ниво.
Споредувањето со другите не нé приближува до местото каде што сакаме да бидеме. Вежбајте благодарност за тоа што веќе го имате во животот. Учете нови вештини како да го подобрите личниот живот и да продолжите напред оставајќи ја љубомората зад себе.
Со споделување на вашата несигурност и ранливост се поврзувате со партнерот или пријателите и всушност љубомората може да ги направи посилни вашите односи. Ранливоста не е слабост, тоа е храброст да бидеме видени.