М-р Калиа Поповска
советник за депресија, анксиозност и проблеми во однесувањето
Web strana: https://www.kaliatherapylondon.com/
Instagram: kalia.therapylondon
Самопочитта е како се чувствувам за себе, значи дека јас се сакам себеси. Но зошто се сакам себеси, на што се базира таа љубов?
“Вредноста” најчесто се врзува со надворешни објекти и настани, но вистинската самопочит е внатрешна.
Луѓето со здрава самопочит не се сакаат себеси поради надворешните показатели кои се предмет на перцепцијата на другите: изглед, статус, приходи, оценки, титула, професија, возраст, број на пријатели, следбеници на социјалните медиуми. Тие мерки се несигурни.
Луѓето со здрава самопочит ја темелат својата љубов на фактот дека тие се сакани и вредни и покрај нивните несовршености и недостатоци. Веруваат дека имаат многу да понудат, дури и ако не можат да се измерат со другите во конкуренција. Вредни се исто толку како и особата до нив иако имаат различно воспитување, статус и други работи во животот.
Луѓето со здрава самопочит знаат дека може да згрешат но сепак се сакаат себеси, реалистични се за очекувањата (своите и на другите) и не им пречи ако неуспеат.
Во некој момент од животот може да се случи да се изгуби работата, статусот, да се доживее неуспех, да се изгубат пријателите, да се остари. Дали тогаш станувате помалку вредни? Тоа е проблемот кога самопочитта се базира на надворешното, на она што другите го сметаат за успех или неуспех.
Ако некој не се сака себеси тогаш не се грижи за себе, се оддалечува, не се натпреварува, се самосаботира. Недостатокот на самопочит води до анксиозност, депресија, зависности.
Во професионалниот живот луѓето со добра самопочит превземаат задачи бидејќи веруваат во сопствениот капацитет, знаење и вештини. Тие со ниска самопочит се плашат дека не можат да се мерат со другите, дека нема да успеат и ќе се посрамотат.
Во врските луѓето со ниска самопочит компензираат и стануваат зависни, бараат партнери кои прават работи за кои тие чувствуваат дека не можат или бараат некој кој е инфериорен во однос на нив (им помага да го спасат егото знаејќи дека некој е “под” нив). Се развива токсична врска.
Самопочитта се подобрува со “безусловна љубов” и “давање на најдоброто од себе”во активностите што ги сакате.
Подобрувањето на самопочитта за децата е со изразување на безусловна љубов и давање простор да се обидат и да не успеат, и повторно да се обидуваат додека не успеат. Да знае детето дека резултатот не ја намалува неговата вредност, да му се даде поттик да превзема повеќе активности.
Возрасните кои се борат со самопочитта претходно во животот искусиле многу условена љубов, неуспеси и ограничувања. Треба да се случи промена на внатрешниот глас, прифаќање себе си онакви какви што сме и за што сме способни.
Градење безусловна љубов кон себе – првата задача е да се сакаш себеси.
Прекин на негативниот самоговор, охрабрување со позитивни афирмации веродостојни за вас, верба во вашите одлуки.
Престанок на самокритичност и самоомраза
Приифаќање на комплименти
Стоење подалеку од токсични луѓе