Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Стресот е природна физичка и ментална реакција на животните искуства. Кога мозокот ќе открие закана што може да наштети, телото се мобилизира да се брани.
За краткотрајни ситуации стресот може да има позитивни ефекти за да се справиме со потенцијалната закана. Се ослободуваат хормони на стрес (адреналин и кортизол) и други хемикалии во мозокот кои водат до “борба или бегство” одговор, се забрзува работата на срцето, повеќе крв стигнува во деловите од телото за справување со заканата, мускулите се спремаат за акција.
Кога станува збор за мислата и продуктивноста, стресот може да биде и мотиватор и блокатор. Некои луѓе стресот ги парализира, други ги мотивира за акција.
Кога заканата ќе помине, мозокот испраќа сигнали системите да се вратат на нормала. Но ако стресорот не исчезнува, одговорот ќе продолжи што негативно влијае на здравјето и на општото добро чувство. Се јавува иритабилност, напнатост, депресија, анксиозност, раздразливост. Хроничниот стрес води до нездрави начни за справување со стресот (прејадување или недоволно јадење, злоупотреба на алкохол, лекови, наркотици).
Долготраен стрес е штетен за срцето и крвните садови, може да води до хронично покачување на крвниот притисок и други комппликации, срцев или мозочен удар.
Одговорот на стресот води до засилена работа на срцето, срцето пумпа побрзо, се зголемува крвниот притисок. Дишењето станува побрзо, повеќе кислород со крвта стигнува до органите. Краток силен стрес може да доведе до синдром на скршено срце кој се јавува при емоционален болен настан (смрт на сакан, близок човек) со градна болка, краток здив.
Се зголемува чувството на будност и сетилата за вкус, мирис и слух се изоструваат. Нагло покачување на крвниот притисок може да влијае на видот.
Тонусот на мускулите се зголемува, спремни се за акција, за борба против заканата. При долготрајна мускулна напнатост се јавува главоболка, болка и напнатост во вратот и грбот. Бруксизмот, стегање на забите во сон е честа состојба поврзана со стресот.
Кожата на бројни начини може да е зафатена. Стресот предизвикува или влошува псоријаза,атопичен дерматитис (егзем) и акни, црвенило, потење, иритација, чешање. Раните побавно зараснуваат, кожата прерано старее.
При акутен стрес имунлошкиот систем е стимулиран за да се избегнат инфекции и раните побрзо да зараснат. Но хронично покачен кортизол негативно влијае, ослабува имунолошкиот одговор, оргнизмот станува подложен на инфекции и болести, се зголемува времето на оздравување.
Дигестивен систем – стрес хормоните поттикнуваат создавање на желудочни киселини и рефлукс, улкус, гадење, повраќање, грчеви, гасови, дијареа, запек, синдром на нервозни црева. Апетитот може да се намали и да се губи тежина. Кај други пак стресот, несигурноста и анксиозноста водат до зголемено стресно јадење и пораст на тежината.
Се создава повеќе глукоза за да се обезбеди енергија. При хроничен стрес телото може да не се справува со тој вишок на глукоза и се зголемува ризикот за развој на дијабетес.
Репродуктивен систем и сексуалност – стресот влијае и на телото и на умот. Ако стресот долго трае, може да се изгуби желбата, нивото на тестостерон опаѓа што интерферира со продукцијата на сперматозоиди и може еректилна дисфункција да се јави.