Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Во минатото единствени шеќери кои луѓето ги внесувале биле од овошјето и зеленчукот “спакувани” со вода, влакна, витамини и минерали.
Денес слаткиот шеќер има горчива репутација. Храната која содржи природни шеќери телото ја преработува бавно и клетките стабилно се снабдуваат со енергија. Проблем e кога се консумираат додадените шеќери во преработената храна за подобрување на вкусот и рокот на траење. Тие се високо концентрирани, предизвикуваат опасни нагли порасти на шеќерот во крвта и придонесуваат за епидемија на дебелина и дијабетес.
Намалувањето на внесот на додадени шеќери позитивно влијае на секој дел од телото.
Мозок – кога се јаде благо, се ослободуваат опоиди кои влијаат на расположението, допамин (неуротрансмитер кој го стимулира центарот за наградување во мозокот) и брзо се постигнува добро расположение. Не на шеќерите значи ускратување на тоа интензивно кратко добро расположение. Се јавува лошо чувство, иритабилност, главоболка и уште посилна желба за благо. Шеќерот предизвикува инфламаторен одговор во мозокот што игра улога во анксиозноста и депресијата. По неколку недели без шеќери се подобрува ментаното здрвје и расположението.
Телесна тежина – при балансирана исхрана, цревата му сигнализираат на мозокот кога сме сите и кога сме гладни. Шеќерите ја нарушуваат таа комуникација. Шеќерот е насочен кон центарот за задоволство во мозокот, тера да продолжиме да јадеме иако не сме гладни. Шеќерот го намалува тестостеронот и води до повисоко ниво на естроген, се намалува мускулната маса и се зголемува масното ткиво на стомакот.
Енергија – кога внесуваме храна панкреасот лачи инсулин кој помага глукозата од храната да се метаболизира во енергија потребна за телото и мозокот. Ниско ниво на глукоза сигнализира до мозокот дека е време за јадење. Ако постојано се внесуваат шеќери глукозата во крвта е постојано висока. Брзите порасти и падови на нивото на шеќерот во крвта водат до моменти на енергија следени со моменти на летаргија. Храната со низок гликемиски индекс обезбедува бавно и постојано ослободување на глукоза и постојан дотур на енергија. Имунолошкиот систем е супримиран од рафинираните шеќери, се намалува борбата на белите крви зрнца со вирусите. Шеќерите го менуваат микробиомот, важен одбранбен дел од телото кој помага да се примат витамините и минералите неопходни за работа на имунолошките клети. Се јавува инфламација и ризик од хронични и автоимуни болести.
Кожа – инсулинот зголемува производство и активност на хормонот поврзан со зголемено производство на себум, зголемен број и влошување на акните. Шеќерите влијаат на формирање штетни молекули, крајни продукти на гликацијата (AGE) кои ги оштетуваат колагенот и еластинот; кожата станува сува, наборана и висната.
Црн дроб – шеќерите водат до штетно насобирање на маснотии во виталните органи. Фруктозата (се наоѓа во сите видови на додадени шеќери) се преработува во црниот дроб. Вишокот шеќери се претвара во маснотии и масно ткиво. Со прекин на внес на шеќери црниот дроб се одмара.
Прекин на внес на шеќери го стабилизира хормонот кортизол што позитивно влијае на спиењето.
Бубрези – голем внес на шеќери влијае и на појава на дијабетес тип 2 кој води до дијабетична болест на бубрезите.
Сексуален нагон – шеќерите влијаат и на либидото. Порастот на инсулинот создава хормонален домино ефект. Се намалува тестостеронот, се зголемува естрогенот што ја намалува желбата и кај мажите и кај жените.