Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Синдромот е функционално пореметување на гастроинтестиналниот тракт. Проблемот е чест, не е животно загрозувачки но го нарушува квалитетот на живот. Почесто се јавува кај жени и помлади, до 35 години. Може да е пратен и со други заболувања како гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ), синдром на хроничен замор, фибромијалгија, анксиозно депресивен синдром.
Симптомиː болка во стомак чија локализација варира, грчеви, пореметено варење на храната, пролив или запек кои може наизменично да се менуваат, слуз во столицата, чувство на непотполно празнење на цревата, надуеност и гасови, подригнување, депресија или анксиозност. Симптомите се влошуваат при емоционален стрес и внес на храна.
Кај луѓе со овој синдром варењето на храната се одвива или пребрзо или преспоро. Ако варењето е пребрзо, во цревната содржина се задржува премногу вода и се јавува пролив. Ако храната бавно поминува низ цревата, се апсорбира премногу вода и се јавува запек.
Проливите најчесто се рано наутро или по оброк, чести столици со мал волумен на кои им претходи грчевита болка во стомакот, ургентност, лажни нагони за дефекација, чувство на некомплетно празнење, слуз во столицата.
Запекот се одликува со чести нагони за дефекација на “тешки” столици, дури и кога завршниот дел на дебелото црево е празен.
Една теорија зошто се јавува овој синдром е преосетливост на нервните влакна во цревата, пореметен пренос на сигнали меѓу нервните рецептори во зидот на гастроинтестиналниот систем и мозокот. Имунохистопалошката теорија е дека има промени во имунолошкиот систем на слузокожата. Некои зборуваат за развој на синдромот по воспаленија на цревата, промена во составот на микроорганизмите во цревата (микрофлора), влијание на одредени видови на храна, генетска предизспозиција, психосоцијална теорија. Во една третина случаи синдромот е поврзан со присуство на паразити во желудочноцревниот систем.
Интензивни емоционални состојби предизвикуваат такви хемиски реакции во организмот кои влијаат на нормалното функционирање на гастроинтестиналниот систем. Стресот ги влошува симптомите.
Интолеранција на одредени хранливи продукти и алергии може да ја активира појавата на синдромот. Тоа може да се газирани пијалоци, алкохол, кафе, чај, кола пијалоци кои содржат кофеин, чоколадо, пржена или масна храна, кекси, чипс, интолеранција на лактоза и глутен.
Жените се скоро два пати повеќе погодени од овој синдром што може да зборува дека хормоните влијаат. Во тек и околу менструалниот циклус симтомите може да се влошат. Синдромот се класифицира во на основа на предоминантниот симптом во навиката на празнење на цревата.
1. синдром на иритабилно црево со предоминантно запек
2. со предоминантно пролив
3. со мешани навики во празнење на цревата
4. некласифициран.
Во поставување на дијагнозата важно е да се исклучат други, органски причини за симптомите. Единствена и специфична терапија не постои. Потребна е промена на начинот на живот и исхраната. Избегнување на храна која предизвикува надуеност и гасови, во некои случаи избегнување на лактоза и глутен. Се препорачува физичка активност.
Повеќето лица страдаат цел живот од оваа вознемирувачка и исцрпувачка болест. Тие наоѓаат начин како да ги ублажат симптомите – оптимален начин на исхрана и здрав стил на живот.