Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Ракот на простатата е втор по честота малигнитет кај мажите, веднаш по ракот на кожата. Сé уште нема докази како би можел да се превенира.
Простатата е мала жлезда во репродуктивниот систем кај мажите важна за производство на течност што ја збогатува спермата. Симптомите на ракот на простата може да бидат различни за секој маж, а секој од овие симптоми може да е предизвикан и од друга состојба. Затоа рутинските прегледи, дигитален ректален преглед и простатичен специфичен антиген (ПСА) се од витално значење.
Рани симптоми
Поради близината на жлездата до мочниот меур и уретрата, мочниот канал, ракот на простатата може да е придружен со различни уринарни симптоми, особено во раните стадиуми. Во зависност од големината и локацијата туморот може да притиска и да ја стеснува уретрата попречувајќи го протокот на урината. Некои рани знаци се:
– жарење или болка при мокрење
– отежнато мокрење,потежок и одложен почеток, мокрење со прекини
– почести нагони за мокрење, особено навечер
– губиток на контролата на мочниот меур
– крв во урината
– крв во сперма
– еректилна дисфункција
– болна ејакулација.
Напреднати симптоми
Поради проширување на ракот и на други делови од телото, како коски и лимфни јазли може да се јават дополнителни симптоми. Знаци на метастазиран рак:
– оток на нозете и во карличната регија
– болка во колкови, ′рбет, нозе, стопала
– болки во други коски и можност за скршеници
Симптоми на рекурентен рак на простата
Враќањето на ракот по третман, рекуренција, може да е локално, во регијата каде е простатата или да е на друго место во телото кога се нарекува метастатски. Ракот на простатата најчесто метастазира во црниот дроб, коските и белите дробови.
По првичниот третман на ракот ПСА се очекува драматично да се намали. Прв знак за повраток на ракот може да е пораст на нивото на ПСА. Другите симптоми зависат од тоа каде е ракот проширен:
– крв во урината
– отежнато мокрење
– болка во долен дел од грбот
– слабост
– отежнато дишење
– жолтица.
Скрининг за рак на простата се препорачува за:
– мажи на 50год. и постари со просечен ризик за рак на простата и животен век од најмалку 10 години
– мажи од 45 год. или постари со висок ризик за рак на простата, прво колено роднини, брат или татко кои имале рак на простата пред 65год.
– мажи на 40год. или постари со уште поголем ризик како што е повеќе од еден роднина од прво колено со рак на простата на рана возраст.