Д-р Ели Андонова, сопственик на ПЗУ „Дорабела естетик“
Интактно (целосно) забало е предуслов за здрав и функционален џвакален апарат. Човекот има вкупно 32 заби (28 без осмиците) во горната и долната вилица кои се во меѓусебен специфичен однос и хармонија. Таа хармонија е предуслов за правилно функционирање, џвакање па и изглед.
Забите во вилицата се држат меѓусебно, со своето присуство и меѓусебниот контакт со соседниот преку контактните точки. На тој начин си го осигуруваат своето место и позиција во вилицата. Нивната врска во коската е со многу лигаменти, спојки, крвни садови кои под дејство на притисок се поместуваат. Ова значи дека нивната позиција не е цврста и трајна, туку е подложна на промени и поместувања и токму поради тоа со губење на само еден заб целата оваа хармонија се нарушува.
Промените кои се случуваат по губење на само еден заб се следните:
- Коската на местото каде е изваден забот пропаѓа, и под дејство на храна и притисокот од џвакањето дополнително се ресорбира (разјадува).
- Поради губење на забот отежнато е џвакањето на таа страна, а при тоа дополнително се оптоварува спротивната (контралатерална страна).
- Соседните заби кои го ограничуваат просторот каде е изваден забот се навалуваат(инклинираат) спрема празниот простор, бидејќи забот кој ги придржувал повеќе го нема.
- Поради навалувањето на овие заби се прават слепи простори каде храната се задржува подолго. Отежнато е нормалното самочистење и многу често на овие места се јавува кариес.
- Спротивниот заб (антагонистот) или се движи кон долу, ако недостасува заб од долната вилица или се качува кон горе (ако недостасува заб од горната вилица) и со тоа ја изместува својата позиција.
- Како резултат на сите овие промени се намалува висината на долната третина на лицето, се отежнува и пореметува џвакањето, а со тоа се појавуваат болки во темпоромандибуларниот зглоб. Тие понатаму повлекуваат појава на силни главоболки.
Сето ова укажува на фактот дека, губењето на само еден заб предизвикува огромни промени и дисбаланс во целиот мастикаторен (џвакален) систем. Иако на овој момент се гледа многу наивно , последиците се огромни и трајни.
Навременото санирање на забите е услов за нивно зачувување во устата. Редовните контроли и посети кај вашиот стоматолог се обврзни и треба да се наш стил на живот. Сите процедури по губењето на забите кои се применуваат, се далеку потешки и финансиски многу повеќе оптоваруваат. Најдобриот лек за оралното здравје е превентивата – одржување на оралната хигиена, грижата за сопственото здравје и редовно одење на стоматолог.