Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Увото е фасцинантен орган кој е способен да препознае звуци со различна јачина, од едвај чујни до многу гласни. Со неверојатна прецизност ни овозможува да го одредиме правецот од каде доаѓа звукот. Увото ни овозможува не само да слушаме, туку е и орган за рамнотежа, и не штити од опасност во секојдневниот живот, на улица, во сообраќај.
Освен што го прима звукот, увото го обработува и го испраќа до мозокот.
Човечкото уво се состои од три дела: надворешно, средно и внатрешно уво.
- Надворешно уво
Се состои од видливиот дел на увото, тоа е ушната школка, и надворешниот слушен канал. Ушната школка ги собира звучните бранови од воздухот. Преку надворешниот слушен канал тие стигнуваат до слушното тапанче (мембрана) кое почнува да трепери, слично како вистинскиот барабан кога се удира со палка. Во надворешното уво се засилува звукот и со треперењето на мембарната се пренесува во средното уво.
- Средно уво
Тоа е шуплина со големина на гравче. Сместена е во коска и се наоѓа веднаш зад тапанчето. Во него се наоѓаат три слушни ковчиња, најмалите коски во телото. Наречени се чеканче, наковална и узенгија и сите се меѓусебно поврзани.
Средното уво е поврзано со задниот дел на носот и ждрелото преку еден тесен канал кој се нарекува Евстахиева труба. При секое подголтнување дел од воздухот од носот и ждрелото преку Евстахиевата труба оди кон средното уво. Воздухот во средното уво е со ист притисок како и атмосферскиот притисокот во надворешната средина. Добрата вентилација на средното уво и константниот притисок на воздухот е важен за добро пренесување на звукот.
Ако сте се запрашале зошто кога летаме со авион или се качуваме на поголема надморска висина ви се затннуваат ушите, тоа е затоа што Евстахиевата трубе не успева да го изедначи притисокот во средното уво.
Во средното уво исто така се засилува звукот. Откако звучниот бран ќе удри во тапанчето и тоа ќе почне да трепери, треперењето се пренесува на слушните ковчиња. Преку последното ковче, узенгијата, треперењето се пренесува во внатрешното уво.
- Внатрешно уво
Претставува вистинска мрежа од ходници и цевчиња, вистински лавиринт. По изгледот потсеќа на спирална куќичка на полжав. Во неа има систем од цевки (ходници) исполнети со течност. Кога треперењето од средното уво ќе се пренесе на внатрешното уво, таа течност се растреперува и раздвижува и надразнува илјадници мали трепкасти клетки. Овие трепки го претвараат треперењето во електричен импулс, кој преку слушниот нерв патува до мозокот, каде што сигналот се обработува и ние слушаме.
Интересно е дека и мозокот одредува на кои звуци, во кој момент ќе обрне внимание. Иако увото постојано прима звуци, во тек на цел ден и ноќ, додека спиеме нашиот мозок брзо ги одвојува важните од неважните и одлучува поголем дел од тие звуци едноставно да ги исклучи.