Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
• Што да правиме кога се јавува болка во увото
Воспалението на увото може да биде многу болно, што е доволна причина енергично да се лекува.
Кога детето се жали на болка или притисок во увото, кој трае повеќе од еден ден, или е со покачена температура, отидете кај лекар.
Исто така доколку приметите исцедок во ушниот канал потребен е лекарски преглед.
Во случај на болка во уво, никако не треба да се користат домашни лекови и приправки со кои може уште повеќе да се влоши состојбата.
Потребен е преглед кај матичниот лекар кој ќе процени дали е потребен и преглед од специјалист по оториноларингологија. Лекарот ќе направи отоскопски преглед со што се гледа состојбата на ушното тапанче. Во случај на воспаление тое е зацрвенето, често и набабрено.
• Како се лекува ова воспаление
Лекувањето на воспаленото средно уво може често да помине без антибиотска терапија. Истражувањата покажуваат дека во околу 2/3 од случаите воспалението почнува спонтано да се смирува во тек на првите 24 часа.
Се дава аналгетик за смирување на болката. Се применуваат деконгестивни капки во нос со кои ќе се намали отокот на лигавицата на евстахиевата труба и ќе се овозможи вентилација на увото.
Доколку лекарот процени дека се работи за бактериска инфекција тогаш препорачува примена на антибиотици. Најчесто амоксицилин или други антибитици со широк спектар на делување.
Ако кај детето е дијагностицирано воспаление на средното уво и тоа прима терапија, а симптомите со тек на време не се смируваат, повторно треба да се посети лекар.
Воспалението обично се смирува во тек на 7-10 дена без никакви компликации.
Доколку воспалението на средното уво не се препознае и не се третира правилно и правовремено, може да предизвика компликации или да остави и последици по слухот. Гнојниот отитис медиа понекогаш може да се прошири и да ја инфицира коската која го опкружува средното уво. Таа состојба се нарекува мастоидитис и бара посериозен третман, со високи дози на антибиотици кои продираат во коската, а во некои случаи мора да се третира и хирурушки.
Многу поретки, но мошне сериозни компликации на воспалението на средното уво се менингитис, па дури и проширување на бактериите во крвта и сепса.
Она што е важно да се запамети е дека со правовремено и соодветно лекување на воспаленијата на носот може да се спречи натамошно ширење на инфекцијата и зафаќање на средното уво.