Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Симптомите на алергискиот рхинитис се спрефични и препознатливи, затоа не е тешко да се постави дијагноза. Многу важно е уште во самиот почеток на болеста да се препознае дали е од алергиска природа. Со тоа на време би се почнало со лекување, а пациентот би добил упатства за како да се однесува за да го избегне алергенот и како да ја прима потребната терапија.
Мерки на превенција, избегнување на алергенот
Во терапијатата на алергискиот ринитис, кој е најчеста форма на алергиска реакција, најважна мерка е превенцијата, т.е. избегнување на алергенот. Пациентот треба да добие упатства како да го избегне изложувањето на предизвикувачот на алергија.
Кај докажана алергиска реакција на полен од трева и дрвја се препорачува да се избегне престој и особено физичка активност на отворено, во време на голема концентрација на полен во воздухот.
Ако алергијата е предизвикана од домашна прашина, се советува да се отстранат сите можни извори на прашина, теписи, завеси, перници, плишани или крзнени предмети. Потребно е често ветреење на просториите во кои се престојува и редовно чистење на истите простории, како и прочистување и проветрување на душеците на кои се спие.
Спречување на алергиска реакција предизвикана од животински влакна (кучиња, мачки) исто така бара избегнување на контакт со овие животни. Овир алергиски реакции почесто се гледаат во детската популација, отколку кај возрасните.
Пристап кон лекување на алергискиот ринитис
Најдобар начин да сеизмени алергиската состојба на организмот е специфичната имунотерапија (СИТ). Со имунотерапијата се делува етиолошки, а целта е излекување на алергијата. Најважен предуслов е да постои моносензибилизација, т.е преосетливост на една група на полен или еден целогодишен алерген. Надобри резултати со имунотерапија се постигнуваат кај алергии на полен на трева или алергија на грињи од домашна прашина. Порано се практикувала поткожна апликација на алергенот, а денес се применуваат растоври од алегенот кои се ставаат под јазик. Со ваквата сублингвална примена се избегнуваат потенцијалните посериозни несакани реакции.
Со примена на имунотерапија во голем процент алергиската ракција ослабува па и во целост се смирува.
Кога превентивните мерки и имунотерапијата не помагаат, се користи медикаметозна терапија.
Лековите се следниот чекор во третманот на алергиската реакција. Важно е да се напомене дека лековите делуваат симптоматски, ги смируваат симптомите на болеста но не излекуваат. Тука пред се станува збор за така наречените антихистаминици. Тоа се лекови кои успешно ги смируваат и сузбиваат симптомите на алергија (кивање, солзење на очите затнат нос, течење на носот, кашлица) и на пациентите им ги олеснуваат тегобите. Лековите се земаат според упатствата на лекарот, а дозата и времскиот интервал за земање на лекот се одредуваат врз основа на состојбата на пациентот и останатите показатели на болеста. Антихистаминиците се во облик на таблети кои најчесто се пијат еднаш дневно, но по потреба дозата може и да се зголеми.
Освен антихистаминици, посебно кај алергискиот ринитис, каде имаме воспалена носна лигавица, се препорачува и примена на локална терапија – кортикостероидни спрејови за нос. Овие препарати ја смируваат алергиската реакција на ниво на носната лигавица, ја намалуваат обилната секреција од носот и кивањето. Препораката за користење на вакви спрејови и нивното дозирање треба да биде од страна на лекар. За лекување на алергискиот конјунктивитис (солзење и чешање на очите) се користат кортикостероидни капки за очи, секако по препорака од лекар.
Алергискиот ринитис е хронична болест, но благодарение на науката и современата технологија се подобрува квалитетот и потенцијалот на новите генерации на лекови. Тоа овозможува ставање под контрола на симптомите и одржување на пристоен квалитет на животот.
Најважен чекор во пристапот и третманот на алергиските болести е комуникацијата помеѓу докторот и пацентот. Пациентот треба детално да се запознае со природата на болеста, да добие патства за тоа како да ја превенира алергијата и како и кога треба да го користи лековите.