Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Со есента настануваат промени кои влијаат на нашето расположение и нивото на енергија:
– биолошкиот часовник, деноноќниот ритам се менува поради намаленото ниво на светлина
– пад на серотоннинот (невротрансмитер кој влијае на расположението) поради намалената сончева светлина
– нарушена рамнотежа на нивото на мелатонин (игра улога во режимот на спиење) поради промената на сезоната.
Може да се чувствуваме безволни, тажни, без енергија, успорени, поспани, да јадеме повеќе благо и да се прејадуваме.
Менувањето на исхраната може да го промени метаболизмот и хемијата во мозокот што влијае на енергијата и расположението. Најдобра е храната која помага нивото на шеќерот во крвта да се одржува стабилно и да предизвика хемикалии за добро чувство во мозокот.
Сложени, паметни јаглехидрати кои го одржуваат нивото на шеќер во крвта стабилно – од витално значење за расположението и енергијата, го зголемуваат серотонинот и се извор на гориво за телото. Да се избегнуваат прости, рафинирани шеќери, слатки, колачи.
Чести и мали оброци, на секои три до четири часа, го одржуваат шеќерот во крвта стаблен, а со тоа и енергијата и расположението.
Појадок богат со влакна, јаглехидрати од цели зрна, здрави масти и протеини обезбедува енергија и добро расположение во текот на денот.
Водата нé претпазува од дехидратација која го успорува метаболизмот и ја намалува енергијата.
Влакната, мешунки, цело овошје и зеленчук, цели зрна житарки, ја одржуваат енергијата стабилна во текот на денот.
Свежото овошје и зеленчук полни се со вода, влакна, витамини и минерали.
Зелениот лиснат зеленчук, спанаќ, марула, блитва, рукола, е богат со фолна киселина која помага при стрес и депресивно расположение.
Јаткастите плодови се богати со протеини и магнезиум кој е важен за претварање на шеќерот во енергија. Добар извор на магнезиум е полнозрнестата храна, житарки со трици и некои риби. Бразилските ореви (еден до три на ден, не повеќе) се богати со селен, минерал кој природно го подобрува расположението.
Посното месо е богато со протеини и аминокиселината тирозин која е важна за допаминот и норпинеринот во мозокот, хемикалии кои помагаат за добро чувство, будност и фокусираност. Виаминот Б 12 од месото помага при несоница и депресија.
Масните риби се богат извор на протеини, масни киселини, јод, фосор, Б витамини. Омега 3 масните киселини претпазуваат од депресија.
Кафето привремено го забрзува метаболизмот, дава енергија и ја зголемува фокусираноста. Внимавајте на количините кои ги пиете.
Чајот содржи кофеин (традиционалните чаеви, не хербалните/камилица, нане, ѓумбир, овошни) и полифеноли (делуваат како антиоксиданси). Црниот чај содржи најмногу кофеин и ја подобрува будноста.
Темно чоколадо– теоброминот има стимулативни ефекти, ја зголемува енергијата и будноста и го подобрува расположението.
Редовното вежбање помага за одржување на енергијата и расположението.
Не се препорачуваат енергетски додатоци и пијалоци кои може да бидат калорични и да содржат нездрави состојки.