Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Тинитус е слушање на бука или ѕвонење во ушите. Се јавува кај 15-20 % од луѓето, што значи дека е многу чест проблем. Не се работи за болест, туку е симптом кој често може да е предизвикан од голем број болести или состојби.
Иако е досаден и вознемирува, најчесто не е знак на некоја сериозна состојба. Може да се влоши со возраста, но кај некои луѓе може и да се подобри со третман. Доколку се открие причината и правилно се третира, понекогаш може да се постигне задоволувачки ефект. Може да се направи и маскирање на шумот, за да биде помалку забележлив и поподнослив.
Симптоми
Пациентите кои страдаат од тинитус слушаат на звук во ушите, без никаква надворешна звучна дразба. Ваквите “фантомски” звуци можат да бидат пациентите ги опишуваат како: ѕвонење, зуење, завивање, бучење, кликање, шуштење, брчење.
Ваквиот фантомски звук може да се разликува во висината на тонот, па варира од длабоко бучење до високо пиштење. Може да се слуша само на едно или и на двете уши. Во некои случаи може да биде толку гласен, што ја намалува способноста за концентрација или дури и слушањето на надворешните звуци.
Тинитусот може да биде постојан, или привремено да се појави и спонтано да исчезне.
Има два типа на тинитус:
• Субјективен – тинитус кој само пациентот може да го слушне. Тоа е најчестиот тип. Може да е предизвикан од промени во надворешното,средното или внатрешното уво. Може да биде предизвикан и од проблеми со слушниот нерв или слушните патишта (делот од мозокот кој ги интерпретира звуците).
• Објективен е тинитус кој покрај пациентот го слуша и докторот кој го прави прегледот.Ова е многу редок тип на тинитус предизвикан од проблеми со крвните садови, мускулни контракции или некаква промена на ковчињата во средното уво.
Кога да се отиде на лекар
Закажете си преглед кај лекар:
• Доколку после настинка или некоја друга инфекција на горните дишни патишта ви се појави тинитус и не се смирува во тек на една недела, треба да закажете преглед кај вашиот лекар
• Доколку се појави тинитус одненадеж, без никаква најава, веднаш јавете се кај вашиот лекар.