Д-р Ели Андонова
сопственик на ПЗУ Дорабела естетик
Човекот во текот на својот живот го менува забалото и има два типа на заби. Тој е дифидонт, односно во текот на својот живот има две дентиции. Првите се млечни заби, и се дел од животот на човекот до неговата 6 година, а потоа следи трајна дентиција или трајно забало кое би требало да не служи до староста. Оваа фаза започнува со никнење на првиот траен молар – шестката, и тоа се случува во шесттата година. Иако доста често неговото никнување може да е порано или подоцна.
Првиот периот на млечна дентиција или присуство на млечни заби започнува од шесттиот месец на бебенцето и нивното никнување е се до двегодишна возраст. Честопати никнувањето може да се јави и пред шесттиот месец, тогаш станува збор за рано избивање или ран раст на забите, или знае да задоцни и да започне во деветтиот или десеттиот месец на бебето. Тогаш станува збор за дентиција тарда, или задоцнета дентиција. Млечните заби се 20 на број. Имаат специфицна млечно бела боја, попорозни се од трајните поради поголемо присуство на органски материи, оттука и повеќе склони на расипување. Помеѓу нив има простори (физиолошки дијастеми) кои понатаму се губат со никнење на трајните заби.
Хигиената на забите почнува од најрана возраст. Првично тоа е чистење со памуче или чеокалка за уши со камилица или вода, а потоа со никнење на повеќето предни заби со четка и соодветна паста. Прво потпомогнати од родителите секако, но понатаму од двегодишна возраст и самостојно. Здравите навики се прават во раната возраст и во ниеден момент нека не бидат товар, бидејќи бенефитот од нив низ годините е огромен. Ставот дека забите се млечни и не треба да се лекуваат е од огромна штета. Млечната дентиција се заменува, но присуството на секој заб е од особена важност за правилен раст и развиток на вилиците. Доколку предвремено се губи некој заб се поместуваат замениците и растот на коската се намалува, со што се создаваат услови за појава на многу аномалии кои понатаму бараат ортодонтско лекување (протези).
Трајната дентиција започнува од шесттата година. Спротивно на мислењето дека прв заб кој расте е предната единица видлива за родителите, прв траен заб кој избива, расте зад млечните заби и е шестката или првиот траен молар. Особено значајно во овој период е да се носи детето на забар за да се залеат шестките, а со тоа да се превенира нивното предвремено расипување. Смената на мелчните со трајни заби трае до 13 или 14 години, кога сите 28 заби се избиени. Осмиците избиваат различно и обично многу подоцна. Вкупниот број на заби кои ги има човекот се 32 заедно со умниците, но честопати може човекот да се роди со помал број на заби, односно некој од нив да недостасува. Најчесто недостасуваат последните од групата. Осмиците, петките или двојките. Состојбата кога недостасува еден или повеќе заби се нарекива анодонција.
Добрата орална хигиена која започнала уште во најраната возраст со трајната дентиција продолжува и се доусовршува техниката на четкање и правилната грижа за забалото. Здравите заби се најдобрата инвестиција која може човекот да ја направи за себе.