Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Денес животниот век е подолг (=> 75 год.) и данокот на подолгиот животен век е појава на хронични дегенеративни болести, дијабетес и кардиоваскуларни болести (КВБ).
Болните со Дијабетес и дијабетична болест на бубрезите ги имаат сите ризик фактори за прогресија на бубрежната болест и појава на забрзано кардиоваскуларно заболување..
Дијабетичната нефропатија е болест на бубрегот и е “прозорец” кон циркулацијата.
Врската меѓу дијабетот и КВБ е постојана, од самиот почеток на дијабетот. Таа врска зависи од нивото на микроалбуминурија/протеинурија, покачениот крвен притисок и гломеруларната филтрациона рата (ГФР).
Бубрежната болест има мултифакториелно влијание на КВБ.
Васкуларната болест на бубрегот рефлектира поголема тежина – лица со КВБ имаат поголем товар на традиционални ризик фактори, вклучувајќи и дијабет.
Ендотелното оштетување, кое се јавува во малите крвни садови на бубрегот и во поголемите крвни садови, е клучна компонента на атеросклерозата.
Ендотелот е тенок слој на клетки кој ги обвиткува внатрешните простори на телото (внатрешноста на крвните садови, лимфните садови, срцето). Ендотелот ја штити внатрешноста на артериите, нивниот тонус и глаткост кои се важни за крвниот проток. Клетките на ендотелот секретираат материи кои штитат од згрутчување на крвта, предизвикуваат ширење на крвните садови и го одржуваат тонусот на крвните садови.
Атеросклерозата почнува кога ќе се оштети ендотелот. Атерослероза е крутост и стеснување на артериите што има лоши последици.
Причина за појава на атеросклероза е повторувачко оштетување на крвните садови – висок крвен притисок, пушење цигари, дијабетес, високо ниво на холестерол во крвта.
Депозити на маснотии (атероматозни или атеросклеротични плаки) се јавуваат во зидот на артериите што води до намалување или блокирање на крвниот проток.
Процесот е прогресивен, тивко и бавно ги ” блокира ” артериите, загрозувајќи го протокот на крвта. Причина е за “кардиоваскуларна болест ” – срцев инфаркт, мозочен инфаркт и периферна болест на крвните садови.
Артериолосклерозата ги зафаќа малите артерии и артериоли. Асоцирана е со хипертензија и/или со дијабет.
Настанува задебелување на зидот на крвниот сад, стеснување на луменот и исхемично оштетување.
Кај Дијабетесот постои тенденција за развој на зафаќање и на малите (очи, нерви, бубрег) и на големите крвни садови (микро- и макро- ангиопатија).
Постои тенденција за развој на атеросклероза во порана возраст и по екстензивно отколку кај оние кои немаат дијабетес. Ризикот за развој на атеросклероза е 2 до 6 пати повисок кај лица со дијабет, особено кај жените.
Болните со Дијабетес и дијабетична болест на бубрезите, споредено со здравите субјекти при иста возраст, имаат забрзано оштетување на васкуларниот систем, односно намален еластицитет заради напреднати промени на стареење на васкуларното корито кои започнуваат порано кај болните со дијабетес.
Цел на превенција е да се превенира појава на почетна бубрежна болест. Фактори на кои може да се влијае се артериската хипертензија и хипергликемијата.