Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Херпес симплекс вируси има два типа – тип 1 и тип 2. Повеќето особи добиваат тип 1 инфекција во детството преку близок контакт со особи кои го носат вирусот. Се јавува кратко време по инфицирање на усни, уста, нос, брада или образи. Тип 2 вирусот предизвикува генитален херпес кој се добива преку сексуален контакт со инфицирана особа.
Херпесот се шири од човек на човек преку близок контакт, бакнеж или орален секс. Тип 1 може да се шири со заедничка употреба на прибор за јадење, жилети, пешкири.
Херпес симплекс вирусот предизвикува меурчиња (често се групирани) исполнети со течност и ранички кои може да болат. По пукањето се формира краста која трае неколку дена. Потполно заздравуваат за 2-3 недели без да остават лузна. Особата е најзаразна кога има меурчиња бидејќи вирусот лесно се шири преку заразени телесни течности.
Вирусот кој ја предизвикал инфекцијата останува во телото. Се преместува во нервните клетки каде останува латентен сé додека некој стимул не го реактивира.
Инфекцијата може да се шири по допирање на херпетичната раничка, може да е досадна и периодично да се повторува. Треска и изложување на сонце најчесто го предизвикуваат вирусот. Некогаш не може да се најде кој фактор го активира вирусот, се јавува без причина.
Грозницата минува низ неколку фази:
– пецкање и чешање на местото каде се појавува мала, тврда, болна точка
– мали плускавци исполнети со течност обично на ивиците на усните, околу носот и на образите
– малите плускавци се спојуваат, пукаат и оставаат плитки отворени рани кои се препокриваат со крусти.
Знаците и симптомите варираат во зависност од тоа дали е прво појавување или рекуренција. Прв пат кога ќе се јави грозница симптомите може да не се јават и до 20 дена од моментот кога била изложеноста на инфекција. При првата инфекција може да се јави и треска, воспалено грло, главоболка, болки во мускули, отечени лимфни јазли.
Рекуренција типично се појавува на истото место и има тенденција да е помалку сериозна. Може да е предизвикана од вирусна инфекција или треска, хормонални промени (менструација), стрес, замор, изложеност на сонце и ветер, промени во имунолошкиот систем, оштетување н кожата.
Ризик фактори – скоро секој може да добие херпес инфекција, повеќето возрасни го носат вирусот иако може никогаш да немале симптоми. Ризик од компликации има кај особи со ослабен имунолошки систем: ХИВ/СИДА, хемотерапија, имуносупресивна терапија кај трансплантирани, атопичен дерматитис.
Компликации
– ширење на инфекцијата на прсти кај деца кои цицаат палец
херпетичен кератит, повторувачки инфекции водат до лузни и оштетување на видот
– раширени области на телото – кај особи со атопичен дерматитис.
Превенција
– внимателно миење на раце, пред да се допирате самите, други лица, особено бебиња
– избегнување заедничка употреба на пешкири, прибор за јадење, балзам за усни
– избегнување бакнување и близок контакт со особа со грозница, вирусот најлесно се шири кога пукаат меурчињата со течност.
Comments are closed.