Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Отомикоза е инфекција предизвикана од габички и ограничена на надорешниот ушен канал. Надворешниот ушен канал е слеп канал обложен со кожа со исти карактеристики како кожата на лицето.
Причина за настанување
Габичната инфекција може да биде предизвикана од неколку типа на габички, најчесто Aspergilus niger, Aspergilus flavus, Candida albicans. Може да се јави примарно после контакт со вода при бањање во реки, езера, море, посебно ако после бањање се користат чепкалки за уши.
Отомикоза може да се јави и секундарно, како компликација после инфекција на ушниот канал со pseudomonas, после подолга употреба на антибиотици.
Клиничка слика
На почетко се јавува чешање во увото, кое постепено се интензивира, набрзо увото се затнува, па се добива чувство на полност во увото и ослабен слух. Доколку не сетретира правовремено почнува да се јавува и болка, како и секрет со непријатен мирис.
Дијагноза
Се поставува со отоскопски преглед при што се гледаат наслаги кои се сво црни, зеленкасти или жолто бели во зависност од причинителот. Најчесто лесно се одстрануваат мануелно или со перење на ушниот канал.
Понекогаш е потребен брис за микробиолошка верификација.
Лекување
Лекувањето зависи од степенот на развиеност на воспалението. Секогаш прво треба да се отстрани содржината од увото со борна киселина 3%. Потоа се користат локални антимикотични препарати, а понекогаш е потребно и системски да се внесуваат.
Лекувањето може да трае подолго, со чести контроли кај лекар. Затоа е потребна стрпливост.