Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Ларингитис е воспаление на гркланот кое најчесто се јавува заедно со воспаленија на горните или долните дишни патишта, но може да се јави и изолирано, само на гркланот.
Може да биде акутен и хроничен.
ПРИЧИНИ
Акутниот ларингитис може да биде дел од генерализирана инфекција на дишните патишта или локализирана промена на лигавицата на гркланот. Почесто се јавува во студените месеци или во рана пролет, како и во период на магли. Се јавува во склоп на инфекција на крајниците, синусите како и бронхитис. Може да биде предизвикан и од хемикалии и траума.
Хроничниот ларингитис пак често се јавува како резултат на долготрајно неправилно користење на гласот, пореметување на дишењето.
Најчеста причина е пушењето, прекумерната употреба на алкохол, посебно жестоки пијалаци. Се јавува и кај лица изложени на прашина и дим.
Еден од важните причинители е загадениот воздух.
КЛИНИЧКА СЛИКА
Акутен ларингитис
Се манифестира со засипнатост на гласот, чувство на притисок во грлото, понекогаш лесна болка, сува кашлица. Многу поретко може да предизвика отежанто дишење и покачена температура. Воспалението може да се смири по неколку дена, а засипнатоста трае и по2-3 недели.
Хроничен ларингитис
Главен симптом е промена на бојата на гласот која е трајна. Честа е сува кашлица и потреба од често прочистување на грлото. Гласот е рапав и лесно се заморува. Овие симптоми понекогаш се потенцираат во зависност од етиолошките фактори (повеќе дим од цигари, подолготрајна изложеност во загадена средина, повеќе алкохол).
ДИЈАГНОЗА
Се поставува врз основа на анамнеза и преглед од оториноларинголог. Прегледот се состои во индиректна или видео ларингоскопија со ригиден или фибер ларингоскоп.
Кај акутниот ларингитис гласните жици се отечени и зацрвенети, а постои воспаление на околната лигавица. Често има и секрет кој е налепен на гласилките или ѕидовите на гркланот.
Кај хроничниот ларингитис гласилките се трајно задебелени, ретко зацрвенети посебно кај пушачи.
ЛЕКУВАЊЕ
Кај акутниот ларингитис е потребно штедење на гласот. Треба да се избегнува пиење на газирани и претерано ладни или претерано жешки напитоци. Се прават инхалации со водена пареа, најчесто од камилица. Понекогаш се даваат антибиотици, сирупи против кашлица. Некогаш се потребни и кортикостероиди орално или во инхалација.
Кај хроничниот ларингитис треба, пред се, да се елиминираат факторите кои го предизвикале (цигарите, алкохолот, загадувачите).
Често е потребен и оперативен зафат, нарачен микроларингокскопија, за отстранување на вишокот слузокожа од гласните жици и враќање на гласот во нормала.