Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Бубрезите ја филтрираат крвта и ги отстрануваат отпадните материи од метаболизмот создавајќи урина. Бубрежни каменчиња се формираат кога е пореметена нормалната рамнотежа на вода, соли и минерали во урината. Има многу фактори кои влијаат на промените во урината, од медицински состојби до тоа што се јаде и пие. Различни промени резултираат во формирање на различни каменчиња.
Недоволното пиење вода е најчеста причина за создавање на каменчиња. Важна е многу и исхраната. Прекумерен внес на протеини, белковини, сол и оксалати (чоколадо, зелен листест зеленчук) го зголемуваат ризикот за формирање на каменчиња кај некои лица. Други ризик фактори се прекумерна тежина, седечки начин на живот и земање одредени лекарства.
Поголем ризик за каменчиња имаат мажи над 40 г. и жени над 50 г. Фамилијарна оптеретеност за бубрежни каменчиња е голем ризик фактор. Одредени медицински состојби го зголемуваат ризикот – гихт, чести инфекции на уринарниот тракт.
Каменчињата може да се големи како кристалчиња шеќер но може да се големи и како лешник, бадем, пинг-понг топче. Може да не се забележат сé додека не предизвикаат стоп на минувањето на урината. Ако влезат во уретерите, каналите кои ја носат урината од бубрегот во бешиката и ги блокираат предизвикуваат силна болка.
Сé додека каменчето не се придвижи вообичено нема симптоми. Кога ќе се придвижи низ уринарниот тракт предизвикува интензивна неиздржлива болка во слабините, напред во мевот и во долниот дел на мевот (бубрежна колика), често и болно мокрење, крв во урината, немир, гадење и повраќање. Ако се јави воспаление на бубрег се јавува треска и пораст на телесната температура. Многу мали каменчиња се измокруваат и без симптоми.
Ако се јави силна болка, одеднаш во слабината која пропагира, се шири кон напред и долу во мевот најдобро е веднаш да се побара лекарска помош. Болно и често мокрење и крв во урината често се знак и за инфекција на уринарниот тракт и сексуално преносливи болести.
Бубрежните каменчиња ретко се дијагностицираат пред да предизвикаат болка која го испраќа пациентот на доктор. Каменчињата се откриваат со ехосонографија, испитување на урината, рентген испитување или КТ. Со крвните тестови се исклучуваат други состојби во организмот или се наоѓаат пореметувања кои довеле до создавање на бубрежни каменчиња.
Ако каменчето е мало може да се земат лекови против болка и лекови кои ги релаксираат зидовите на уретерите и да се чека каменчето само да се исфрли со урината. Треба да се пие многу течност, вода за да се помогне малото каменче да излезе само, над 3 литри на ден. Постојат и лекови кои превенираат создавање на нови каменчиња.
Ако каменчињата се помали од 5 мм, 90% се шансите сами да поминат. Ако каменчето е меѓу 5 и 10 мм, шансите само да помине се 50%. Ако каменчето е поголемо и не може само да помине ќе биде потребна интервенција.
Најчеста медицинска процедура е вонтелесната литотрипсија со бранови (ESWL) кога се раздробува каменчето на поситни делчиња кои потоа полесно поминуваат низ уринарните патишта. Кога каменчето тргне од бубрегот и го блокира уретерот тогаш се користи уретероскопија. За големи камења потребна е хируршка процедура.
Со хемиска анализа се утврдува од кои минерали и соли е составено каменчето што помага за преземање чекори за превенција на создавање на нови каменчиња. Околу 80% од каменчињата содржат калциум. Останатите може да се уратни, струвитни или цистински.
Како превенција за создавање на каменчиња се советува помал внес на сол и натриум, избегнување храна богата со оксалати, чоколадо, какао, кофеин, чај, грав, зелен листест зеленчук. Најдобар начин е да се пие доволно вода.
Иако повеќето, над 80% од каменчињата содржат калциум не се советува да се избегнува храна богата со калциум. Ова не важи за додатоците на калциум во исхраната кои може да се поврзани со создавање на каменчиња.