Девојка облечена само во црвена долна облека и нејзиниот танц кој многу повеќе наликува на стриптиз предизвика голем скандал и бурни реакции од посетителите на 17. Меѓународен карневал во Лесковац, Србија. На централниот плоштад во Лесковац, со свои точки на културно-уметничката манифестација настапија уметнички групи од повеќе земји меѓу кои имаше и учесници од Македонија, но вистински хаос предизвика „валканиот танц“ на девојката од акробатската група „УСБ“ од Ниш.
Посетителите уживале во следењето на настапите на многу културно-уметнички друштва и танцови групи, но сите останале вчудоневидени кога на сцената се појавила девојката во црвена долна облека со класичен стриптиз настап. Најлошо од се било што во публиката имало претежно деца бидејќи Лесковачкиот карневал најмногу собира семејства и деца, пишуваат српските медиуми.
only in leskovac pic.twitter.com/Bv9YlHE553
— Ilija (@ilijax99) July 12, 2023
„Еве ја карневалската програма… Кога ќе напишат концерт на танцов клуб, мислам дека никој од родителите не го очекува ова“, гласи еден од коментарите, откако видеото со спорниот настап брзо се прошири и на социјалните мрежи.
Многу луѓе напишаа дека ваквото играње не е соодветно за овој карневал, а проблематично е што на видеото се гледа дека има многу деца во публиката.
Набрзо по скандалот, Туристичката организација на Лесковац им се извини на граѓаните за непримерниот настап на акробатската група „УСБ“ од Ниш и порача дека никогаш повеќе оваа група нема да ја ангажираат на карневалот.
– Во моментот размислувавме да го прекинеме спорниот настап, но со таков прекин мислевме дека ќе предизвикаме уште поголем скандал и забуна во програмата. Во оваа прилика чувствуваме потреба да им се извиниме на граѓаните на Лесковац и на пошироката јавност и да побараме разбирање за контроверзниот настап за кој чувствуваме морална одговорност – стои во соопштението од организаторот.