Бугарскиот историчар и член на Институтот за историски истражувања при Бугарската академија на науките (БАН), Воин Божинов, за бугарското национално радио изјави дека специјалниот претставник на македонската Влада, Владо Бучковски ја напуштил Софија со „подвиткана опашка“.
„Големи се надежите во Скопје дека може да се направи исчекор по изборите во Бугарија. Средбата на Бучковски и Корнелија Нинова беше интересна затоа што скопската страна сакаше да ги испита плановите на бугарската опозиција. Но, Бучковски си замина од Софија со подвиткана опашка“, изјави историчарот и порача дека Софија мора да ги заштити своите национални интереси, а истовремено да покаже дека за Македонија има место во ЕУ со цел во земјава да не започнат „деструктивни процеси“.
„Наш интерес е Македонија да постои како независна држава затоа што на тој начин ја раскинува копнената врска помеѓу Србите и Грците. Сепак, Евентуалното одложување на процесите на европска интеграција во Македонија ќе отвори сериозни прашања, од кои едно е обединувањето на Албанците во Европската унија“, изјави Божинов.
Според бугарскиот историчар, во земјава моментално постои „антибугарска хистерија“, а тоа покажува дека „македонизмот не е само идеологија, туку и ментално отстапување“. Според него, самодовербата во Македонија доаѓа поради фактот што влијателни европски земји и САД стојат зад земјата.
„Крајно време е Германија да каже дали е на страната на земја членка на ЕУ или на страната на земја која е кандидат за ЕУ. Германија има политички и економски интереси на Балканот, а проширувањето на ЕУ ќе го зголеми и германското влијание во регионот“, изјави бугарскиот историчар и истакна дека притисокот и на Вашингтон во врска со ова прашање ќе продолжи.