Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Болката во грбот ги отежнува секојдневните активности и влијае на квалитетот на живот.
Грбот е составен од коски, мускули, лигаменти, тетиви кои му даваат на телото поддршка и овозможуваат движење. ՛Рбетниот столб е составен од пршленски тела помеѓу кои има меѓупршленски дискови, меки и еластични перничиња кои служат како амортизери, спречуваат триење на пршлените меѓу себе. Јадрото на дискот е мека желатинозна маса.
Болката може да е остра и краткотрајна или долготрајна и тиштечка. “Неспецифична” е кога причината не може да се открие. Некогаш се влошува или подобрува во зависност од положбата или движењата. Болката може да е причина за нелагоднoст, лошо расположение.
Со возраста се зголемува можноста да се јави болка во грбот поради професијата или дегенеративните промени на дисковите. Се намалува нивната еластичност, се зголемува веројатноста тие да се раскинат (содржината од мекото јадро протекува и врши притисок на ՛рбетниот мозок и корените на нервите кои излегуваат од ՛рбетниот мозок), да се изместат од својата положба.
Болката во долен дел на грбот, слабинскиот (лумбален) и крстниот (сакрален) дел е најчеста. Поврзана е со пршлените, дисковите, лигаментите, ՛рбетниот мозок и нервите, мускулите, органите во стомакот и карличната празнина, кожата.
Болката во горен и среден дел е поврзана со промени на аортата, срцето, жолчното кесе, тумори, воспаление.
Дискус хернија е пролапс на јадрото на дискот кој притиска на ՛рбетниот мозок или на коренот на спиналниот нерв, со оток и воспаление. Клиничката слика е лумбалгија (болка во крстот) или лумбална радикулопатија (лумбоишијалгија, ишијас). Болката е почесто еднострана, со спазам на мускулатурата на таа страна, ограничени и болни движења. Може да се спушта надоле кон задникот и по должината на ногата (лумбална радикулопатија) со зафаќање на мускулите инервирани од нервот.
Мускулниот спазам е заштитен механизам при повреда на ткивата околу ՛рбетот.
Проблеми со бубрезите – каменчиња, инфекција.
Остеопороза – коските, пршелните стануваат слаби, кршливи; можни се компресивни фрактури.
Херпес зостер – вирусна инфекција која ги зафаќа нервните клетки во близина на ՛рбетниот столб.
Спондилоартритис, Анкилозирачки спондилитис – воспалителни состојби.
Спинална стеноза најчесто на вратен и лумбален дел, поради стареење или дегенеративна болест. Стеснети се просторите на ՛рбетниот столб, има притисок на ՛рбетниот мозок и нервите.
Спинална инфекција – инфекцијата од друг дел на телото со крвта се носи до структурите на ՛рбетиот столб.
Спондилолистеза – по 50-тата година. Пршленот се лизга од својата позиција, се поставува над пршленот под него и се притиска некој нерв.
Синдром на кауда еквина – болка, трпки на бутови и гениталии, пореметена функција на уровезика и црева.
Болката најчесто е од истегнување на мускули и лигаменти, лошо држење на телото, долго стоење, седење на компјутер, возење, нагло или непријатно движење, спиење на несоодветна подлога, неправилно кревање или носење товар. Поретко е од скршена коска во ՛рбетот, инфекција, канцер (мултипли миелом).
Ризик факториː постара возраст, седентарен начин на живот, професија, обезност, неактивност, генетски фактори, бременост.
Консултација со доктор при треска, губиток на тежина, оток и топлина на грбот, постојана болка, скора повреда, потешко мокрење, инконтиненција на урина и столицата, трнење околу генитоаналната регија и бутовите.